Новости

Битола инфо

Ново катче за студентите во дворот на Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола

Младински образовен форум во соработка со Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ Скопје во рамки на проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ поддржан од Фондацијата Отворено општество ја постави втората мала просторна интервенција во студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола.

Идејата за оваа мала просторна интервенција произлезе од Работилницата за мали просторни интервенции во студентските домови која се одржа во февруари а во која учествуваа студенти по архитектура од целата држава. Со неа, се збогатува и оплеменува просторот во кој ќе престојуваат студентите и се создава дополнителен простор во кој студентите, на отворено ќе можат да го поминуваат своето време.

Претходниот изглед

Оваа мала просторна интервенција е втората од низата просторни интервенции во државните студентските домови „Пелагонија“ – Скопје, „Кочо Рацин“ – Битола и „Браќа Миладиновци“ – Штип. Во текот на месец октомври ќе се реализира уште една, oдносно последната просторна интервенција во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“.

„Во мое лично име и во името на студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола би сакала да ја искажам својата благодарност кон Младинскиот образовен форум и МЕЛЕЕМ. Фактот што одвоија време, труд и финансии да допринесат кон разубавување на просторот во дворот на домот каде што студентите ќе можат да го поминуваат своето слободно време укажува на нивната ангажираност и мотивираност во насока на целовкупното подобрување на условите во студентските домови. Верувам дека ова е само почеток на една идна плодна соработка помеѓу домот, МОФ и МЕЛЕЕМ и дека во иднина повторно ќе имаме можност да соработуваме а со цел да го подобриме студентскиот стандард на студентите во домовите. “ – изјави Соња Карапец, директорка на студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола

„Пред се би сакал да го изразам моето задоволство што заедно со сите вклучени страни во проектот успеавме да го комплетираме овој проект за Мала просторна интервенција во студентскиот дом „Кочо Рацин„ – Битола. Задоволството е огромно заради фактот што успеавме да го разбудиме потенцијалот и да ја поттикнеме креативната мисла кај студентите по архитектура и во еден интензивен работен процес во форма на три дневна работилница да создадеме просторен елемент во своја елементарна функција на клупа, но истовремено и елемент кој овозможува повеќе. Дел од неговите функции се планирани и предодредени од положбата на корисниците, дел се создадени во релација со природниот контекст кој поседува исклучителни квалитети, но дел се оставени и на слободна интерпретација на студентите. На тој начин, овој елемент ќе ја постигне својата цел единствено доколку побуди нови перцепции кај неговите идни корисници.“ – изјави Павел Вељаноски, ментор на акцијата.

Инаку, освен менторот на акцијата, Павел Вељаноски, тимот од студенти кој работеше на идејата беше составен од : Рима Трајчева, Елена Босилкова, Анастасија Ристеска, Арсовски Кристијан, Али Алмала и Тамара Џерков.

GOLD
To Top