Новости

Битола инфо

Општина Битола го подготвува теренот за модуларниот Ковид центар

Со целосна меѓусебна синхронизација на општината, јавните претпријатија и изведувачите на терен, во тек се подготвителните активности за поставување на модуларниот ковид центар во Битола, во близина на инфективното одделение на Клиничката болница. Градоначалничката Петровска, при денешниот увид на терен, нагласи, дека со ваквиот пристап, се обезбедуваат комплетно нови и соодветни услови, надополнети со нова опрема, за лекување на пациентите со КОВИД 19.


„Согласно целокупните состојби и околности, Општина Битола во соработка со Министерството за здравство, веќе изведува активности за поставување на модуларни болници. Тие ќе се наоѓаат веднаш до инфективното одделение, каде што и сега се сместени пациентите од КОВИД 19. Со овие активности се зголемува сместувачкиот капацитет за евентуалните следни заболени наши граѓани од околу 90 легла. Имаме еден тријажен центар и два тријажни центри пропратени со стационари. Целокупниот активитет кој што сега се спроведува се извршува во насока на подобрување на условите и можностите за згрижување на пациентите. Знаеме дека бројот на заболени расте, дека состојбите се исклучително тешки и ова е единствениот начин како би можеле да излеземе максимално во пресрет со цел навистина да обезбедиме подобри услови за пациентите. Она што е важно, е тоа што ќе имаме не само сместувачки капацитети, туку и целосна опрема со овие модуларни болници, кои и тоа како значат за здравствените работници. Во изминатиот период, Општина Битола работеше на подготвување на целокупната документација и теренот, даде логистичка поддршка со администрацијата, меѓутоа сега веќе даваме поддршка и во делот на изведбените активности, со тоа што го рамниме теренот, каде што треба да бидат поставени модуларните болници. Јасно ни е на сите дека ова треба да биде изведено во максимално брзо време, затоа што состојбите тоа го налагаат. Ценам дека искористувањето на останати капацитети од болницата, не е вистинското решение. Вистинското решение е токму вакви модуларни болници, бидејќи знаеме дека како општина покриваме еден голем регион со клиничката болница, со која што апсолутно не треба да застанат и другите активности. Она што би апелирала во оваа прилика е да имаме многу поголемо разбирање за здравствените работници, за она со што тие се соочуваат, поголема трпеливост кон нив, бидејќи, тие дефинитивно го вложуваат својот максимум, дефинитивно работат во навистина тешки околности и било која наша реакција, која што апсолутно не е во насока на поддршка на здравствените работници, треба максимално да ја елиминираме во овој период. Само така можеме не да им помогнеме нив, туку едноставно да си помогнеме и самите на тој начин“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, информирајќи дека очекува активностите да бидат завршени за 3 недели, доколку истите се одвиваат со планираната динамика.


Директорката на Клиничката болница Битола, Билјана Гагачовска, нагласи дека на овој начин ќе се добијат најсовремени услови за третман со се што е потребно вклучувајќи и ренген апарати и ехо апарати, а здравствениот персонал ќе може уште подобро да ја извршува својата работа. Гагачовска нагласи дека, модуларните КОВИД центри ќе бидат на рамна линија, што е значително олеснување во споредба со сегашното функционирање во зградата на инфективното одделение која е на три ката.

GOLD
To Top