Новости

Битола инфо

Петровска со предлог до Советот за донација од 20 000 евра за Центарот за јавно здравје Битола

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, предложи на денешната седница на Советот на Општина Битола, да се донесе одлука за донација од 20.000 евра за Центарот за јавно здравје, со цел овозможување на 2000 брзи тестирања на граѓаните. Предлогот на Петровска, е резултат на континуираното следење на состојбата со КОВИД 19, а во интерес на брзо дијагностицирање на состојбата кај граѓаните, преземање на навремени и соодветни мерки и спречување на ширење на заразата:
„На денешната седница на Совет на Општина Битола, предлагам точка на дневен ред, која што се однесува на финансиска поддршка на Центарот за јавно здравје во висина од 20.000 евра, а кои ќе бидат наменети за најмалку 2000 брзи тестирања со кои што граѓаните ќе можат да имаат дијагноза на својата состојба во многу кратко време од 15 до 20 минути. Имајќи предвид дека, броевите на заболени се зголемуваат постојано, секојдневно, не само во нашиот град, туку и на ниво на држава, на регион и воопшто во светот, чинам дека, поддршката со вакви тестови е потребна, затоа што, брзото детектирање и констатирање на состојбата на граѓаните, може да доведе до брза интервенција во делот на согледување кој од нив треба да биде изолиран, а со тоа на некој начин се штитат и граѓаните кои се во нивно опкружување“, изјави Градоначалничката Наташа Петровска на денешната прес конференција.
Оваа донација на Општина Битола, ќе биде трета по ред за здравствените институции во градот, реализирана на иницијатива на градоначалничката Петровска, а со цел поддршка на надлежните институции во континуираната грижа за граѓаните.
„Ова е веќе трета донација на Општина Битола, до нашите здравствени институции. Првата беше во висина од 10.000 евра за поддршка на лабораторијата, која што исто така беше наменета за Центарот за јавно здравје, втората беше за болницата во Битола, за кислородна поддршка на нашите граѓани, исто така во висина од 10.000 евра и оваа донација од 20.000 евра денес, мислам дека ќе биде допринос кон она за што сме се залагале како локална самоуправа, за поддршка на здравствените работници и институции кои што се грижат за здравјето на нашите граѓани. Општината останува отворена за сите понатамошни можности на поддршка на здравствените институции, како и порано и очекувам дека овојпат и советниците од позицијата и од опозицијата, едногласно ќе ја донесат и изгласаат оваа одлука, бидејќи сепак е во интерес на здравјето на граѓаните и на сите нас“.
Градоначалничката Петровска, посочи дека, општината и здравствените институции континуирано ги преземаат мерките кои се во нивна надлежност, а граѓаните ги повика во интерес на своето и јавното здравје да ги почитуваат мерките на носење на заштитна маска, одржување социјална дистанца и редовно одржување хигиена.

СН Брокер
To Top