Новости

Битола инфо

„Пијани“ – најновата претстава на битолскиот театар

„Пијани“ е третата претстава на сцената на битолскиот театар за оваа година. Се работи за текст на современ руски автор, Иван Вирипаев, театарски и филмски лик во Русија чии дела се поставуваат ширум светот. 10-тина драмски текстови, неколку филмови потпишани од него како продуцент, многубројни филмски и театарски награди се дел од портфолиото на овој автор.

Станува збор за претстава која комуницира со денешното време и менталитет, проект кој треба да има долг век, најави режисерот Ѓоргиевски на прес-конференцијата што се одржа во Битолскиот театар.

– Претставата има современ дух. Јазикот во претставата е едноставен. Публиката ќе биде дел од претставата. Нашата работа е уметност на мигот, уметност на тоа што се случува сега и се трудиме да нудиме актуелен производ. Во ова време невреме низ претставата зборуваме за изгубени морални и етички вредности на луѓето. Чувствувам како да живееме со маски и како да трчаме низ животот заборавајќи дека животот може да не земе под закрила. Верувам во успехот на претставата, рече режисерот Ѓорѓиевски во пресрет на премиерната изведба на „Пијани“.

Пијани е во режија на актерот Марјан Ѓоргиевски, која претстава е негов магистерски труд, под менторство на Зоја Бузалкова.

-Руската драматургија многу блиску комуницира со ова време и нашиот менталитет – вели Ѓоргиевски.

Актерската екипа е составена од Никола Пројчевски, Валентина Грамосли, Маја Андоновска Илијевски, Соња Ошавкова, Илина Чоревска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Живко Борисовски, Ангела Димитрова. Музичките изведби во претставата се на Александар Димовски, Соња Ошавкова, Валентина Грамосли и Ангела Димитрова.

Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев. Оваа е втора претстава на Ѓоргиевски во која тој се јавува во улога на режисер.

GOLD
To Top