Новости

Битола инфо

ИН МЕМОРИАМ: Адвокат Васко Ѓоргијев

Денеска не напушти Адвокат Васко Ѓоргијев. Човекот кој ги доби сите правни битки, но ја изгуби својата животна битка. Вечна му слава, вака објави денеска неговото семејство.
Васко Ѓорѓијев (1948г., Битола). Основно и средно образование завршил во Битола, а Правен факултет во Скопје во 1973г. По дипломирањето се вработил во ТП „Јавор” како референт во правна служба. Во 1977г., го положил правосудниот испит. Истата година се вработил во РО „Нова Трговија” како раководител на општи сектор и правна служба. Како адвокат работи од 1981г., а од 2009г., заедно со адв.Андријана Петровска – Здравковска го основаат адвокатското друштво „Ипсо Јуре”. Бил претседател на Адвокатската заедница во Битола и член на првиот состав на Претседателството на Адвокатската комора на Република Македонија од 1991 – 1994г. Во 1995г., е избран за член на комисијата за изготвување на Законот за извршување на санкциите. Од 2007г., е член на Коалицијата за борба против трговија со луѓе „Семпер” Битола. Како адвокат во својство на предавач или воведничар учествувал на повеќе семинари и тркалезни маси од областа на граѓанското и кривичното право. Добитник е на признание за 25 годишно вршење адвокатска дејност од АКРМ во 2006г. Со стручен труд учествувал во Македонската ревија за кривично право и криминологија. Во 2010г., бил во посета за остварување на соработка со Адвокатската комора од Крагуевац, Србија.
„Со голема тага Ве известувам дека почина колегата адвокат Васил Ѓорѓијев (1948-2021), доајен на битолската адвокатура, кој неодамна прослави 40 години непрекинато вршење на адвокатската дејност.
Со неговото заминување, адвокатската професија изгуби вреден колега, стручњак, кој му помогнал на бројни правници и адвокати во формирањето како личности во правото и адвокатурата.
Беше претседател на Адвокатската заедница Битола, член на првиот состав на претседателството на Адвокатската комора на самостојна Република Македонија (1991-1994), како и член на комисии за донесување на повеќе закони. Активен во коморските активности и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители и предавач на бројни семинари, симпозиуми и стручни средби.
Тој беше припадник на генерацијата на адвокати од Битола, која успешно ја афирмира адвокатурата од Битола на големиот југословенски простор, како адвокатура која носи вредности на совесност, стручност и професионалност.

Заради тоа, од името на АКРСМ, АЗ Битола и од свое име, изразувам посебно сочувство до семејството и адвокатите од адвокатското друштво Ипсо Јуре. Споменот за него ќе биде зачуван од сите нас“ стои во соопштението од Адвокатската заедница Битола.

GOLD
To Top