Новости

Битола инфо

Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат! – „И јас сум тука“, изложба на фотопортрети посветени на лицата со посебни потреби

Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска ќе биде отворена на 30 септември (денес) во 19 часот во Центарот за култура во Битола. Изложбата вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.

,,Меѓу 20-те портрети задоволство ни е да споделиме дека се застапени и пет лица кои се дел од Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“.” – велат организаторите.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата.

Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост, вели Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.

„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“ – велат авторите.

Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент, сценарист Пер Јохансон.
На настанот ќе бидат промовирани и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.

Изложбата „И јас сум тука“ беше прв пат претставена пред јавноста во ноември во Кинотеката на Македонија, потоа отпатува во Струга, Гевгелија, Богданци.

Евротип
SNBROKER
To Top