Новости

Битола инфо

Свечено доделени 4-то ноемвриските награди на Општина Битола

Во салата на Центарот за едукација на ФИКТ, свечено беа доделени општинските награди „4 Ноември“. Претседателот на Советот на Општина Битола, воедно и претседател на Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“ Валентин Груевски, ги образложи одлуките на Управниот одбор, за годинешниот избор на наградените.
Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, која им ги врачи наградите на добитниците, во оваа прилика истакна дека денешниот ден е посебен за нашиот град.
„Оваа година, на 76-тата година од виорењето на слободарското знаме е поинаква од сите останати. Овде сме помалкубројни, во поинаква форма на чествување заради околностите со кои се соочува не само нашиот град, нашата држава туку и целото човештво. Денес, повеќе од која и да е друга прослава што сме ја имале, свесни сме колку значи заедништвото, колку многу вреди творењето, колку повеќе исполнува создавањето. Свесни сме дека само со верба едни кон други, со почит кон професионализмот, кон стручноста, кон дисциплината можеме да ја премостиме оваа здравствена криза.
Денес измешани чувства, тага, заради отсуството на сите наши пријатели од збратимените градови и отсуството на нашите сограѓани од свечената академија но и среќа за нашиот непокор и жив дух, за збратимувањето со Цетиње, за достоинствената ревијална 4-то Ноемвриска трка, за 4-то ноемврискиот параглајдерски лет, за традиционалниот шаховски турнир, велосипедскиот ревијален круг, за нивиот симбол кај Саат кулата каде со отворени срца, СО ЉУБОВ ЗА БИТОЛА, се полнат објективите на низа следни фотографии кои ќе ги собираат воздишките од битолските посебности.
Нека ни е честит и вековит 4-ти Ноември, празникот на нашиот град!“, порача градоначланичката Петровска.
Годинава, наградата за животно дело ја доби Петар Георгиев – Калица.Општинската награда “4 Ноември“ за 2020 година е доделена на Митревски Димитар и Тодоровски Благојче – меѓународен судиски пар, Лидија Тфирст Митревска, директор на ЈОУДГ Естреја Овадија Мара, Македонското научно друштво – Битола, доцент д-р Владимир Рендевски – специјалист неврохирург и Панде Димитровски, автор на проектот „Незаборав“.

СН Брокер
To Top