Новости

Битола инфо

Со дефиле по Широк Сокак, вечерва почнува фестивалот „Илинденски денови“

Со фолклорно дефиле по Широк сокак и со орото „Комитско” на Хераклеја Линкестис, вечер во Битола почнува 51. издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови”.

Првата фестивалска вечер ќе биде отворена со настап на КУД „Илинден”-Битола, ансамбл „Танец”-Скопје и ансамблот на народни песни и игри „Ладо” од Загреб, а во петте фестивалски вечери со избрани содржини ќе се претстават уметнички друштва и фолклрони групи од Америка, Русија, Хрватска, Албанија, Србија, Грција и Македонија.

-„Илинденски денов” е повеќе од фестивал, тој е една крстосница во која младоста се огледува на мудроста, во која светот се прелева низ игра и песна и сите сме различни, а исти бидејќи се радуваме и го славиме животот со музика. А, за музиката велат дека е универзален јазик на човештвото и затоа на нашиот фестивал ќе зборуваме на еден јазик, пеејќи и танцувајќи. За жал, пандемијата силно ги погоди фолклорните ансамбли низ целиот свет, но како феникс Фестивалот во Битола повторно се издигнува и оваа година широко ги отвора вратите за гостите од државата и странство, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот.

Првото издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови” се одржа во 1971 година во Битола, а со цел, како што посочуваат организаторите, да се промовира и афирмира духовното и материјалното културно наследство претставено преку традиционалната музика, игри и песни, обичаи, обреди, носија, инструменти, ракотворби и други содржини.

Фестивалот „Илинденски денови” е единствен од земјава што поседува сертификат и е член на Меѓународната асоцијација на фолклорни фестивал ЦИОФФ која дејствува во рамките на УНЕСКО, споделувајќи вредности на полето на културата со фокус на изворниот и традиционален фолклор.

-Годинава првпат во земјава, и во Битола ќе престојува Филип Бусон, претседател на ЦИОФФ, а тоа за Фестивалот е големо признание. Високиот гостин ќе дознае зошто овој фестивал едуцира и продуцира, зошто припаѓа на сите генерации на сцената и пред сцената, и зошто ЦИОФФ ни го дале сертификатот да бидеме членови на семејството светски познати и признати фолклорни фестивали. Присуството на Бусон е многустрано позитивно и затоа подготвивме посебна програма, дружење со уметниците, но и средби со министерката за култура и градоначалничката кои ќе се реализираат за време на неговиот престој, изјави Андоновска Илијевски.

Придружната програма на фестивалот „Илинденски денови” почна на 20 јули, а свеченото затворање и доделување награди на најдобрите ќе се одржат на 30 јули во Битола.

Евротип
Евротип
To Top