Новости

Битола инфо

Стерјо Спасе – мост кој ги поврзува двата народa, македонскиот и албанскиот

Општина Пустец ја започна реконструкцијата на постоечката, стара училишна зграда и основањето на музеј во с. Глобочани, Пустец, активност која се реализира во рамките на проектот SMART-CUL-TOUR.

Старата училишна зграда во која се школувал Стерјо Спасе, еден од најпознатите македонски и албански писатели од втората половина на XX век, ќе прерасне во музеј во чест на овој писател. Директоратот за заштита на културно наследство од Корча ќе се погрижи за комплетниот дизајн и опремување на објектот и музејската поставка. Овие активности ќе придонесат за промоцијата на културното наследство и воедно ќе ја збогатат туристичката понуда во регионот.

Реконструкцијата на инфраструктурата во археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола и реконструкцијата на пристапната улица т.н. „Римски пат“, вклучително и пешачка патека до археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, се останатите два големи инфраструктурни зафати кои се опфатени со овој проект.

На овој настан се обрати домаќинот, Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски и го потенцира значењето на писателот Стерјо Спасе како мост кој ги поврзува двата народи, двете култури, македонската и албанската.

Во своето поздравно обраќање, Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска истакна: „Животот е токму ова што сме сите ние овде заедно. Во сите наши заеднички напори, заеднички активности, во секој момент, во секој наш збор се чувствува возбудата. Благодарни сме на Европската Унија за оваа можност и поддршка да ја подигнеме пограничната соработка преку инвестирање во трајните вредности во културата“.

„Регионот на Преспа, особено последниве години има симболика за мирот и добрососедството на Балканот, но пограничната област помеѓу македонската и албанската држава останува еден од економски и инфраструктурно најслабо развиените региони на европскиот континент. За среќа, за разлика од порано сега ја имаме Европската Унија, која несебично вложува во економскиот развој на сите земји од Западен Балкани преку претпристапните фондови и дава огромен приднес за подобрување на стандардите и на овој дел од Европа.

Спомен музејот на писателот Стерјо Спасе може да биде убав симбол за нашето заедничко интегрирање во Унијата, преку културна соработка и економски развој.“- истакна Заменик-министерот за локална самоуправа на Македонија Зоран Димитровски во дел од своето обраќање.

На настанот се обратија и Заменик-министерката за култура на Р. Албанија, Мери Кумбе и Марин Белули, претставник на Заедничкиот технички секретаријат (Антена) во Р. Албанија.

GOLD
To Top