Новости

Битола инфо

Талентираните деца заслужуваат поголема поддршка од заедницата

По повод Меѓународниот ден на надарените и талентираните деца, во организација на Педагошкиот факултет од Битола, со поддршка на Општина Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола и Македонската асоцијација за надарени и талентирани, се одржа вебинар на тема „Перспективите за развој на надареноста и талентираноста од потенцијал до талент“.

„Она што сите субјекти треба да го правиме во иднина е малку поинтензивно да имаме интегриран пристап на сите институции и сите инстанци, не само на лицата од научната област, туку и на локалната и централната власт, да направиме поголеми исчекори од оние што сме ги правеле до сега. Факт е дека талентираните деца се не биле толку добро третирани како што заслужуваат, лутале, а ние сме дозволувале потенцијалите да не ги развиваме онака како што треба и да го извлечеме нивниот максимум. Од овој вебинар очекувам плодна расправа која што ќе даде понатамошни насоки на делување. Како градоначалник посочувам дека училиштата се во стабилна состојба и веќе можеме да говориме за инвестиции кои што ќе значат поддршка за талентираните ученици, што нема да е само финансиска поддршка за натпревари, туку можност повеќе за простор, посебни училници, посебни нагледни средства, посебни финансики програми, кои што ќе значат реална поддршка на талентираните ученици“, рече во своето обраќање градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.

На вебинарот се обратија и државниот секретар во МОН Анастасија Трајковска, ректорот на УКЛО Сашо Коруновски и деканот на Педагошкиот факултет, Добри Петровски.

Професорот на Педагошкиот факултет, д-р Љупчо Кеверески, кој долги години работи на поддршката на талентираните и надарените е иницијатор за одржување на овој вебинар, кој во работниот дел имаше и свое стручно излагање. Од научен аспект свои видувања имаа и проф. Д-р Иван Фербежер од Р. Словенија, проф. д-р Виолета Арнаудова од Филозофски факултет Скопје и проф. д-р Методија Стојаноски, од Македонска Асоцијација за надарени талентирани. Од овој вебинар ќе произлезат и заеднички заклучоци, препораки и констатации, кои што понатаму треба да дадат реален исход во препознавањето и третирањето на надарените и талентираните.

GOLD
To Top