Новости

Битола инфо

(Фото) Неврологија и интерно најоштетени од земјотресот во битолската болница

По серијата земјотеси кои што беа почувствувани и во Битола, има оштетувања и на зградата на Клиничката болница во Битола. Како што вели директорката д-р Билјана Гагачовска во вторникот се обратиле до Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија и до општина Битола за да се направи проценка на ситуацијата во болницата. Вчера дошле експерти од Институтот и од комисијата за штети од општина Битола и првичните проценки се дека зградата самата по себе е стабилна, а оштетувањата кои се направени не ја нарушуваат статиката, ниту пак доведуваат до сериозна опасност од некои поголеми поместувања во зградата, имајќи во предвид дека е градена по сите прописи во шеесетите години на минатиот век.
Настанати се поголеми оштетувања во две одделенија, односно Одделението за неврологија и Одделението за интерни болести.

Гагачовска вели дека тие оштетувања се доста сериозни, а дека тие како болница не се во можност веднаш да санираат, имајќи во предвиде дека тлото во Битола се уште не мирува.

„На вчерашниот стручен колегиум одржан со раководителите од овие одделенија, беше донесена одлука, поради безбедносни причини за пациентите и за персоналот, да се затворат дел од капацитетите на одделни одделенија и тоа Одделението за неврологија го намалува капацитетот, се затвораат 5 болнички соби, бидејќи не е возможно да се хоспитализираат пациенти во тие соби. Одделението за неврологија ќе има на располагање 8 кревети од сопственото одделение и ставени се на располагање уште 8 кревети од Одделението за психијатрија, додека пак Одделението за интерни болести претрпе најголеми оштетувања во машкиот тракт, со тоа што две болнички соби, односно 16 кревети нема да бидат за употреба и доколку се појави потреба и се исполни капацитетот ќе се размислува за ставање во функција на други капацитети во посоченото одделение“ вели Гагачовска.


Таа вели дека во цела болница има оштетувања, но дека реално не се сериозни, го нарушуваат изгледот, но болницата продолжува да функционира нормално, но со намален капацитет на посочените одделенија.

Според неа, зградата на Инфективното одделение која физички е одделена од главната зграда, има претрпено најмалку оштетувања и се покажа дека е најстабилна.

Евротип
SNBROKER
To Top