Новости

Битола инфо

Што го предизвика торнадото во Живојно?

Голем интерес, но и загриженост предизвика појавата на торнадо во битолското село Живојно кое се наоѓа веднаш до македонско-грчката граница. Се појави и видео снимка како изгледаше торнадото и од грчка страна. Мите Ристов, професор по географија и претседател на географското друштво „Геосфера“ вели дека за овој регион не е карактеристична појава на торнадо.

-Во Македонија досега не е регистрирано торнадо, ова е можеби првото торнадо, иако беше краткотрајхно, само што ја допре земјата, вртеше неколку секунди и после се повлече, изјави Мите Ристов, професор по географија.

Причината за појавата на торнадо во Пелагонија е силниот продор на студена воздушна маса од север, вели тој.

-Предизвикана од циклонот кој беснееше во централниот дел на Европа и се спушти на југ кон Балканскиот полуостров. Карактеристично заради рамниот простор во Пелагонија, највероијатно дојде до силен продор на студена воздушна маса од север и топлиот воздух кој беше овде предизвика вртложно кревање на топлиот воздух како полесен во погорните слоеви на атмосферата и спуштање на студениот надолу, и тоа мешање предизвика вртлог и создавање на торнадо, вели Ристов.

Торнадата се честа појава и на Јадранското море.

-Ако ја видите географската распространетост каде се случуваат торнадата во Европа, ќе видите дека тој дел во Италија, Јадранското море, на север кон Ценгтрална Европа, таму има најголема појава на торнадо, вели Ристов.

-Не знаеме што ќе се случува со мајка природа, сите овие работи се поттурнати од загадувањето кое го предизвикувува човекот и тој антропоген фактор влијае врз почеста појава на вакви екстремни временски услови, вели тој.

Појавата на торнадо е карактеристична за централниот дел на САД, каде просечно годишно има по 1300, но ги има и во други региони во светот. Во Европа има околу 700 торнада годишно. Последното посилно торнадо во Европа беше пред помалку од еден месец во Чешка со јачина од ф3 кое срамни со земја неколку села.

GOLD
To Top