Новости

Битола инфо

14 прочистувачи на воздух за детските градинки во Битола

Компании од Битола денеска донираа 14 прочистувачи за воздух со врвен квалитет, наменети за градинките „Естреа Овадија ‒ Мара“ и „Мајски Цвет“ со сите свои клонови.

Денешната – прва донација се однесува на занималните каде што се сместени јаслите, а таа се реализираше во градинката „Пролет“, каде што присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, која од името на општината и градинките се заблагодари за донацијата.

„Се радувам што имаме вакви компании кои знаат што е суштината на општествената одговорност и истата ја искажуваат токму кај најосетливата категорија – нашите деца, со што се покажува, дека не само формално пристапуваме кон она што значи – децата се наша иднина, туку навлегуваме во суштината на тој пристап. Ова значи дека, локалната самоуправа треба да чувствува уште поголема одговорност кон сите стопанственици, затоа што стопанственици кои имаат благопријатна клима во општината, можат, развивајќи го својот бизнис, да овозможат и вакви донаторски акции, важни за нашата средина. Така што, во оваа прилика искажувам крајна благодарност. Со ваков, интегриран пристап на решавање на проблемите во општествената заедница се покажува вистинскиот начин како треба да делуваме, изјави Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола, додавајќи дека општина Битола, забрзано работи на проектот за гасификација, кој всушност ќе обезбеди и долгорочно решавање на проблемот со загаденоста на воздухот во градот.

Иницијативата за донирање на прочистувачи на воздухот беше покрената и од Петра Поп Ристова, еколог и родител на дете што престојува во една од градинките.

„Како засегнат родител, сметам дека од исклучителна важност е на децата да им се обезбедат услови за подобро здравје и, воопшто, подобро функционирање во текот на нивниот ден. Поттикната од сè побројните апели децата да не бидат изложени на штетните честички од воздухот, првенствено се обратив во Општина Битола и навистина сум пресреќна што се најдоа компании што го делат моето мислење и што излегоа во пресрет за обезбедување на овие прочистувачи. Сега се донираа 14 прочистувачи, но нас ни треба да стигнеме до бројката 67, затоа апелирам на хуманост и ги повикувам сите компании во Македонија и пошироко, да се вклучат во оваа донаторска акција и да ја овозможат втората фаза“, изјави Петра Поп Ристова.

Како донатори се јавуваат Битолската млекара, компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“, кои што како општествено одговорни компании, а солената соба „Солина“, подели ваучери за користење на просториите во солената соба.

 

Градинките „Естреа Овадија ‒ Мара“ и „Мајски Цвет“ располагаат со вкупно 16 објекти во кои се лоцирани 67 занимални за дневен престој на децата, со вкупна површина од околу 9.000 м2. Со цел покривање на сета функционална површина, неопходна е дополнителна набавка на прочистувачи за воздух, па компаниите што се донатори, како и Општина Битола, упатуваат апел и до другите компании да ја покажат својата хуманост и да придонесат за подобро здравје на сите деца.

GOLD
To Top