Новости

Битола инфо

500 баклави за битолчани – битолското муфтивство ги почести граѓаните за празникот Рамазан Бајрам

Во Старата битолска чаршија, пред канцеларијата на битолското муфтиство денеска се јадеше баклава. Припадниците на исламската вероисповед, но и случајните минувачи, граѓани на Битола можеа да се послужат со традиционалната бајрамска баклава и да ја изгаснат жедта со вода или сок.

Сето ова го организираше битолското муфтиство со цел да го прослават нивниот голем празник со сите граѓани на Битола и на тој начин да покажат дека Битола е градот на соживотот меѓу граѓаните.

-Ова се денови на Фитр Бајрам, познато и традиционално е дека за време на Рамазан Бајрам од првиот ден после утринската молитва, верниците се упатуваат кон домовите да бидат со семејството за да бидат на Бајрамската софра. Софрата се украсува со традиционалната баклава која се подготвува секој Бајрам. Ние во чест на месецот Рамазан и големиот празник Рамазан Бајрам одлучивме бајрамската баклава да ја споделиме како муфтиство заедно со сите граѓани на Битола, со медиумите, со институциите, старата битолска чаршија и затоа денес над 500 парчиња баклава се поделија овде пред канцелариите на муфтиството. Се надевам дека ова ќе докаже еден чин, акт на соживот помеѓу граѓаните на Битола, помеѓу верниците од исламска вероисповест и другите вери. Со тоа што сите заедно бевме овде, сите пробаа од баклавата, ова е доста позитивен чин за да им докажеме и на другите градови како може да се помине денот на Бајрам, со бајрамска баклава. Јас сум премногу задоволен што многу голем број на граѓани и верници од исламска вероисповест и други вери не почестија со нивното доаѓање, изјави битолскиот муфтија, Амит Расими.

На гости, на баклава во битолското муфтиство денеска им дојде и битолскиот градоначалник. Тој им го честита Рамазан Бајрам на сите граѓани од исламска вероисповед.

– Со својот личен пример покажуваме дека заедништвото, љубовта, разликите се само богатство на нашиот град. Убеден сум дека на ваков начин ја продолжуваме вековната традиција, луѓето кои живеат во овој град да работат за доброто, да се сакаат и да се трудат едни на други да си помогнат, изјави Владимир Талески, градоначалник на Битола.

Муфтијата дополни дека со ова се докажува дека исламската вера е вера на љубов, почит, соживот, хуманост солидарност, а најголемата радост се доживува со најблиските и со пријателите кои им доаѓаат, а тие ги почестуваат со баклава.

GOLD
To Top