Новости

Битола инфо

67 прочистувачи за воздух во детските градинки во Битола

Здравата и чиста животна средина е главен услов за изградба на здрави поколенија и обезбедување на непречен воспитно – образовен процес во кој младите поколенија ќе можат да ги развиваат своите потенцијали, интелектуално да се надградуваат, но пред се да се воспитуваат. Алармирани од актуелната состојба со загаденоста на воздухот, Општина Битола и приватниот сектор, обезбедија 67 прочистувачи за воздух за сите детски градинки на подрачјето на општината, со што реализирана е иницијативата на родителите, а обезбедени се подобри услови за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. На денешната донација во детската градинка „Мајски цвет“, присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, која јавно им се заблагодари на сите учесници во акцијата која го потврдува големиот резултат на организираното и заедничко делување на јавниот и приватниот сектор.

„Денес имаме потврда на уште еден конкретен резултат од конкретна и целно насочена активност. Со денешната донација и обезбедувањето на сите потребни 67 прочистувачи на воздух за сите детски градинки во Општина Битола, се потврдува општествената одговорност кај сите нас. Сакам да им се заблагодарам на сите донатори, кои што несебично се вложија во целата оваа активност. Ова е всушност еден добар пример, колку навистина, сите заедно, општествено можеме да придонесеме, но и показател дека сепак човечноста не е изгубена. Меѓутоа, посебно сакам да нагласам дека овој благороден гест е всушност добра лекција за политичарите да не ги користат општествените проблеми од било каков аспект за лични, всушност политички маркетинзи“, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

 

Поттикнати од сè побројните апели децата да не бидат изложени на штетните честички од воздухот, барањето за донирање на прочистувачи на воздухот потекна од д-р Петра Поп Ристова, еколог и родител на дете што престојува во една од градинките, а истата започна да се реализира на иницијатива на Битолска млекара, во соработка со компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“.

„Ова е втората фаза со која се остварува акцијата да се донираат 67 прочистувачи на возух во сите детски градинки. Многу сакам да се заблагодарам до сите донатори и во првата и во втората фаза. Со тоа сакам да кажам дека Битола како најзагаден град во Македонија, заедно со Тетово и Скопје, успеа во оваа акција и сум многу горда на мојот град. Големо благодарам до сите и да се продолжи така и натаму. Сакам исто така да се заблагодарам и на дечињата кои ни испеаа прекрасна песна апелирајќи дека воздухот е загаден и дека некој нешто треба да преземи, дека свеста треба да се зголеми. Ајде да ги слушнеме, тие најмалите и да направиме, ние возрасните една поубава средина за живеење. Голема благодарност до Вики Налевска од Општина Битола, која беше најважниот човек во оваа организација и многу помогна со иницијатива, ентузијазам и организација на сето ова и на проф д-р Драган Ѓоргев, кој беше вовлечен во самиот зачеток на оваа иницијатива за прочистувачи на воздухот, како и одделот за урбанизам од Општина Битола, изјави Петра Поп Ристова, иницијатор на акцијата.

Општина Битола која ги поддржа и ги координираше активностите,  донираше 2 прочистувачи, а кон акцијата се приклучија и приватните стопанственици од фирмите: „Interworks“ (15 прочистувачи), Цилиндо Интернационал АпС (1 прочистувач), како и 1 прочистувач од нивните вработени, 20 прочистувачи од „Екотип“, по 1 прочистувач од „Млекара Јуниор“ и „Џили“, а 12 прочистувачи од фирмите: „Стентон“, „КироДандаро“, „СН Брокер“, „СН Финансии“ и „Евротип“.

 

GOLD
To Top