Новости

Битола инфо

74 санкции за брзо возење во Битола, продолжуваат засилените контроли во сообраќајот

Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи во изминативе неколку денови спроведува засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Битола, при што во претходните два дена (17 и 18.март) санкционирани се 167 возачи од кои 74 за возење со брзина поголема од дозволената, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Битола.

„За возење без возачка дозвола санкционирани се 22 возачи, девет санкции за управување на нерегистрирано возило, четворица возачи управувале возило под дејство на алкохол, 12 возачи не користеле сигурносен појас…Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). Покрај сообраќајните контроли, спроведуваме и превентивни акции со цел да ја зголемиме сообраќајната култура. Пред десетина дена заеднички со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја почнавме кампањата за користење на сигурносен појас, а во тек се и други превентивни активности“, рече Ангеловски.

Портпаролот Ангеловски најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.

GOLD
To Top