Дел од корисниците кои останаа без електрична енергија во населбата Баир добиле електрична енергија, екипите на ЕВН продолжуваат на терен со работа за да обезбедат струја и за преостанатите корисници, информираат од ЕВН.

„Екипите на Електродистрибуција постојано работат на санирање на ТС „Дебарска” која викендов целосно изгоре како резултат на сериозно преоптоварување на мрежата од неконтролирана потрошувачка и кражбите на електрична енергија. Се прави се  корисниците кои останаа без напојување да добијат напон па затоа се префрлаат на други напојни точки.

Вклучувањето се одвива внимателно со цел да не се предизвикаат дополнителни проблеми во мрежата. Новиот трансформатор кој треба да се постави во трафостаницата е невозможно да се транспортира до местото на поставување, бидејќи теренот е непристапен за тешките возила на Електродистрибуција.  Затоа се бараат нови технички решенија за негово поставување и приклучување во дистрибутивната мрежа.

Оваа трафостаница која е изградена во 2009г. и спаѓа во категоријата на нови трафостаници, без никаков проблем функционира за планираните капацитети на потрошувачка за корисниците на тој регион. За жал, неконтролираното и нелегалното користење на електричната енергија од страна на одредени жители не може да се планира или пак тој товар да го издржи трафостаницата.

Уште еднаш апелираме и ги повикува сите нелегално приклучени граѓани да се регистрираат за соодветно планирање на капацитетот на мрежата, со што ќе се спречи повторувањето на вакви дефекти, како и нанесување на штета на нивните сограѓани кои се регуларни корисници на електрична енергија.” стои во информацијата од ЕВН.