Новости

Битола инфо

Претприемничкиот дух кај младите – можност за развој на нови бизниси

Во рамките на Eвропската недела на мали и средни претпријатија 2018, Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ – Битола) во соработка со Европската бизнис асоцијација (ЕБА) организира јавна дискусија на тема „Претприемничкиот дух кај младите – можност за развој на нови бизниси“.

„Мислам дека и Македонија, како и сите земји во регионот се соочуваат со одлив на млади луѓе, пред се со високо образование и токму затоа сакаме да ги поттикнеме и постоечките бизниси и новите претприемачи за отворање на нови бизниси, да влијаат врз одлуки на младите луѓе да останат во земјава. Постои опасност регионот да остане без работна сила, па затоа и претприемачите треба да се свесни за тоа и да им излезат во пресрет, пред да добие алармантни димензии“, рече д-р Сашо Додовски, извршен директор на МКЦ Битола.

На јавната дискусија со свои излагања учествуваа Валентин Груевски – претседател на Советот на Општина Битола, Христо Кондовски – извршен директор на SN Осигурителен брокер АД Битола, Божидар Миленковски – професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Битола и Димитар Ристовски – извршен директор на Европската бизнис асоцијација (ЕБА).

„Како млад активен чинител во стопанскиот живот, сакам да истакнам дека треба особено да се работи на развојот на претприемништвото и на мотивацијата на младите да формираат старт ап бизниси. Сакам да истакнам дека тие старт ап бизниси треба да најдат активна примена во аутсорсинг услугите на веќе етаблираните компании во Македонија. Следејќи ги нив, ќе растат по нивниот пат и ќе добиваме мултиупликација на бруто домашниот производ“, истакна м-р Христо Кондовски, извршен директор на СН Осигурителен Брокер.

„За среќа во последните неколку години трендот на малди луѓе кои се одлучуваат да отворат своја компанија и да започнат свој бизнис се зголемува. Тоа пред се се должи на неколку фактори, како што е развојот на информатичките технологии, полесен пристап до финансии, полесен проток на идеи, полесно здружување помеѓу младите, како во Македонија така и во странство. Но секогаш може повеќе. Фактор кој влијае врз зголемувањето на претприемништвото во Македонија и зголемувањето на овие мали и средни компании е прес се образованието. Тоа треба да биде поттик и да имаат идеја  дека тие може да основаат своја фирма. Исто така имаме позитивен тренд во финанискиот сектор, се повеќе банки одлучуваат дека ќе финансираат старт ап компании“, истакна  Димитар Ристовски – извршен директор на Европската бизнис асоцијација.

„Постојат неколку важни препораки доколку некој сака да започне свој бизнис. Секој треба да има некои свои ставови пред да започне со бизнисот, треба да преземе одговорност, да верува во она што ќе го работи дека ќе го заврши, треба да ги нуди услугите за да им служат на луѓето и можеби најважниот дел е континуираното учење. Никој со завршувањето на своето формално образование, не завршил со својата наобразба, туку тоа треба да биде континуирано. И тогаш, кога ќе го започне својот бизнис, треба да учи што се случува во светот, да ја применува новата технлогија и растеж“, истакна претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.

Младинскиот културен центар по 10-ти пат е носител на активностите поврзани со Eвропската недела на мали и средни претпријатија.Настанот е во рамките на програмските активности по повод одбележувањето на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

GOLD
To Top