Новости

Битола инфо

Промовирана најновата книга поезија „Поштомување“ на Биљана Т. Димко

„Поштомување“ е новата книга поезија на Биљана Т. Димко во издание на фондацијата „Д-р Димитар Котевски“ Битола, истата беше промовирана пред широката јавност на манифестацијата ,,Пријатели на фондацијата“, поезија на Широк Сокак 2018.

За книгата пишуваа познатиот лингвист, поет, есеист Радован П. Цветковски и м-р Симона Петровска.

Радован П. Цветковски напиша: Песните покажуваат дека авторот го стега стихот, го прави функционален, а со тоа го остри стилот. Отвора нова поетска врата, нагорен исчекор со продлабочена мисла, потпирајќи се и на народното и на мисловното по нешто блиски до Блаже Конески. Со ваква подлога мостот на Б. Т. Димко ќе трае. Во оној континуитет стилот произлегува од песна во песна, давајќи му на зборот нагласена мисловност и широчина. Покрева чувства на тема во насловеното поштомување.

ШЕМЕТНОТО ДЕТЕ

Огнот гори.

Ветрот трифка по лимените олуци.

Црниот облак само што не се породил.

Југот е непредвидлива страна од светот.

 м-р Симона Петровска во својот осврт за „Поштомување“ забележа:

Поезијата на Биљана Т. Димко е поетски ангажирана, интелектуално смела, уникатна и единствена и тоа особено доаѓа до израз во оваа збирка – поезија „Поштомување“ која уште во насловот го искушува и го привлекува читателот. Имено, праизворот и праизбликот на сѐ што постои, се наоѓа во моќта на светот да се уништува и пресоздава во нови облици.  Во тоа архетипско поимање на времето, песната „1914 – почеток на крајот“  ги открива можеби најважните особености и одлики на оваа поезија – да открива и да биде Вистина преку симболичко и безвремено прикажување на фундаменталните вредности преку едноставноста на речта.

ПОСВЕТА

Ако треба пак да се родам,

ако треба да бирам што треба да бидам,

нека бидам височина и далечина.

Ако повторно се родиш ти,

те молам, биди небо или облак

и никогаш нема да се разделиме.

Биљана Т. Димко (1990, Битола) е професор по македонски јазик и книжевност. За себе има обичај да рече дека е постојано поделена меѓу два – света – книжевниот, нејзиниот и бирократскиот. Борбата е постојана, особено онаа за идентитетот. Наспроти сите тектонски движења, таа умее да го живее неконвенционалното среќно дете со широка насмевка.

Зборот поштомување е во директна врска со зборот „поштоми“ (скрие, засолне, скриено употреби да има читателот на што да размислува, што да открива или што да каже за скриеното. Кај Блаже Конески фигуративно – скрие за да го присвои, сочува како белег на нештото. Ете оттаму произлегува насловот на  поетската збирка. Ете оттаму произлегува насловот на  поетската збирка. Успешно обмислено. Овде зборот и не значи уништување, туку  сочувување. Таа линија се содржи и во нејзините неколку објавени книги објавени пред „Поштомување“ (2018): („Кругови на животот“ (2003), „Сцена зад кулисите“ (2007 и „Дами и господа гологлави“ (2012) со кои  авторот се избори за свое место и во Друштвото на писатели на Македонија.

 

GOLD
To Top