Новости

Битола инфо

Состојбата со сообраќајот и безбедноста на улиците во Битола е тажна, потребни се итни мерки

Интересот за денешната работна средба доволно покажува дека состојбата со сообраќајот и безбедноста на улиците во Битола е тажна и потребно е ИТНО да се превземат мерки, истакна  д-р Јасмина Буневска Талевска, претседател на Општински Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Битола после одржувањето на состанокот за организација на настанот „Недела за безбедноста во сообраќајот во Битола“.

Сообраќајниот метеж низ кој секојдневно се пробиваме е и индивидуална и колективна одговорност, па мерки за подобрување на оваа слика се очекуваат и од сите граѓани и од сите надлежни претпријатија и институции. Зошто?  

Затоа што од една страна имаме улична инфраструктура со недоволен капацитет, мала ширина и без интегрирани елементи како тротоари и велосипедски патеки, улици кои згора на тоа и НЕ СЕ соодветно означени со хоризонтална и вертикална сигнализација, па стануваат НЕБЕЗБЕДНИ за движење на пешаци и НЕПРОТОЧНИ за движење на возила и транспорт на товар. Затоа што од друга страна имаме голем пораст на степенот на моторизација, застарен возен парк кој влијае на загадувањето на воздухот, мал број на места за паркирање (градби со три места за паркирање на 16 стана), голем број непрописни паркирања, нефлексибилен и неатрактивен јавен превоз, ТАКСИ возила кои не ја исполнуваат потребната техничка исправност и состојба за да бидат пуштени во сообраќај, ТАКСИ возачи без соодветен кодес на однесување и облекување, несоодветен концепт за достава на стоки и собирање на отпад…., и на трета страна го имаме ниското ниво на култура на однесување во сообраќајот кај сите групи на учесници подеднакво, и кај пешаците и кај возачите !

„За волја на вистината, во Битола на Отсекот за сообраќај и транспорт при Технички факултет студентите веќе 46 години го изучуваат сообраќајно-транспортното инженерство и тоа од основните преку современите технологии, па до напредни и виртуелни микроскопски и макроскопски сообраќајни симулации во специјална лабораторија за сообраќај и транспорт. Верувам, дека сите професори по сообраќај кои се посветиле на доживотно усовршување во оваа област можат да помогнат во решавањето на сообраќајните проблеми во градот и сум убедена дека не само во Битола, туку и во цела Македонија ќе имаме подобра сообраќајна слика доколку сообраќајните и транспортни проблеми ги решаваат сообраќајните инженери, а не други профили и професии…!“, вели д-р Јасмина Буневска Талевска.

Затоа денес, наместо да зборуваме за „Битола ГРАД НА МОБИЛНОСТА“ и да размислуваме за воведување на напредни технологии во процесот на планирање и управување со сообраќајот во градот, или наместо да зборуваме за „Битола ВЕЛО-ГРАД“ ние се прашуваме како ќе ги испратиме на 3-ти септември нашите деца до училиште, по кој тротоар, по кој пешачки премин, со кој вид на превоз и зошто не со велосипед ?

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Битола, во овој состав функционира од месец мај годинава. Според планот за 2018г., оваа активност беше предвидена за месец ноември, но, со оглед на сериозноста и во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата „НЕДЕЛАТА ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ“ се одлучи да ја реализираат порано и тоа од 2-ри до 9-ти септември.

Дел од предвидените активности се:

Брендирање на јавните површини „ГО САКАМ ГРАДОТ БЕЗБЕДЕН“,
Работилница „БЕЗБЕДНИ УЛИЦИ и БЕЗБЕДНИ КРСТОСНИЦИ“ за рехабилитација на хоризонталната и вертикална сигнализација на критични локации,
Работилница „Училишните тротоари се за деца, а не за возила“,
Работилница „Младите возачи и алкохолот“,
Работилница за состојбата и мерките за подобрување на велосипедскиот сообраќај (патеки, рампи, паркирање) и ВЕЛОСИПЕДСКИ ХЕПЕНИНГ ,
Работилница за состојбата и мерките за подобрување на ТАКСИ превозот и јавниот градски превоз,
Работилница за состојбата и мерките за подобрување на ПАРКИРАЊЕТО во градот.

„Работилниците ќе ги реализираме на терен за да постигнеме Битола една недела да живее во духот на безбедноста и со мотото „ГО САКАМ ГРАДОТ БЕЗБЕДЕН“, со надеж дека пораките кои ќе произлезат од организираните настани и активности ќе допрат до секој граѓанин…, и дека секој од нас соодветно ќе продолжи да ги пренесува пораките понатаму…наставниците на учениците, родителите, бабите и дедовците на своите деца и внуци, пријателот на пријателите…

До денес, добивме поддршка од СВР Битола, Технички факултет Битола, ЈП Комуналец, ЈП Нискоградба, од движењето „Битола на точак“, од Комисијата за безбедност при Советот на општина Битола,  Паркинзи и искрено се надевам дека преку ЗАКЛУЧОЦИТЕ кои ќе произлезат ќе успееме да иницираме кај надлежните институции поажурно да се осврнат на својата задача, а тоа е да работаат во служба на здравјето и безбедноста на граѓаните, истакна д-р Јасмина Буневска Талевска, претседател на Општински Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Битола.

GOLD
To Top