Новости

Економија

АХВ: Во Mакедонија нема од мандарините со пестициди од Турција

Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација дека на пазарот на нашата земја се пласирани небезбедни мандарини, вклучително и мандарини кои се увезуваат од Република Турција.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли и на пратките со цитрусно овошје кои се увезуваат во земјава, вклучително и на увозот на мандарини од Република Турција.

„Во рамки на контролите при увоз и на овој тип овошје, по потреба, се земаат мостри за лабораториско испитување, вклучително и за евентуално утврдување на присуство на пестицидот поради кој била изречена забраната за увоз на мандарини по потекло од Република Турција во Република Српска. Пратки со посоченото цитрусно овошје од Турција во земјава, лабораториски се тестирани во месец декември 2018 година, а во фаза на лабораториско тестирање се и мострите кои инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство ги земаа овој месец. Во испитаните мостри во декември 2018 година, не се утврдени отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за цитрусното овошје“, соопштија од АХВ.

Од таму појаснуваат дека досегашните извршени испитувања на безбедноста на цитрусното овошје покажуваат резултати во граници на дозволеното поради што не се изречени ниту забрани за увоз.

Минатата година во земјава биле увезени повеќе од 8.6 милиони килограми мандарини, најмногу од Турција и соседна Грција.

GOLD
To Top