Новости

Економија

ЕК: Нема голема разлика во составот на производите во источна и западна ЕУ

Европската комисија соопшти денеска дека пан-европското тестирање на прехранбените производи покажало дека некои производи во исто или слично пакување се разликуваат по составот во различни земји, но дека тоа, сепак, не е масовна појава.

Членките на ЕУ од источниот блок долго се жалеа дека им испорачуваат производи кои не се идентични со оние на пазарите на Западната Унија.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во говорот за состојбата на Унијата, се обврза дека ќе се занимава со прашањето за различните квалитети на производите во зависно од тоа дали се продаваат на “старите” или “новите” земји-членки на ЕУ.

Истражувањето спроведено од страна на Заедничкиот истражувачки центар (ЈРЦ) на Европската комисија покажа дека девет отсто од споредуваните производи, иако пакувањето е исто, се различни по состав.

Уште 22 проценти од производите се различни во составот а пакувањето им е слично, покажала анализата на речиси 1.400 прехранбени производи во 19 земји-членки на ЕУ.

“Резултатите се неизедначени – среќен сум што не се најдоа разлики во составот на храната означени со брендот што се продава на истокот во споредба со она што се продава на западот, но јас сум загрижен дека една третина од производите со иста или слична марка има различен состав”, рече европскиот комесар за односи со јавност, Тибор Наврачиќ.

Европската комесарка за правда и потрошувачка на ЕУ, Вера Јуров, рече дека нема да има двојни стандарди на еден европски пазар.

Таа додаде дека поради новите прописи ќе се казнат нееднаквостите и ќе се зајакнат органите одговорни за заштита на потрошувачите.

“Европските потрошувачи ќе бидат сигурни дека навистина ќе го добијат она што го купуваат”, рече Јурова.

Анализирани се 1.380 примероци од 128 различни прехранбени производи, но овој примерок не се смета за репрезентативен, со оглед на огромниот број производи на пазарот на ЕУ.

Во истражувањето се вклучени Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Латвија, Литванија, Унгарија, Малта, Холандија, Полска, Словачка, Словенија, Шпанија и Холандија.

Европската комисија објави нов повик за поднесување на предлози за зајакнување на капацитетите на организациите на потрошувачите во тестирање на производите и откривање на потенцијално лошата пракса, со буџет од 1,26 милиони евра.

Извор: denar.mk

GOLD
To Top