Новости

Економија

Осигурителната индустрија има умерен раст во третиот квартал

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

Во понудата на производи на осигурување на живот сè позастапено е осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот.

Осигурителната индустрија во Република Македонија заклучно со третиот квартал од годинава бележи умерен пораст во сите сегменти во своето работење и покрај нагласеното влијание на ризици од неекономска природа и во услови на забавен раст на вкупната економија, информира Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

„На пазарот на осигурување активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека четири осигурување на живот. Во текот на септември, по претходно одобрение од АСО, во Централниот регистар е впишано и петтото друштво за осигурување на живот и се подготвува за започнување на вршење на дејноста. На пазарот на осигурување делуваат 35 осигурително брокерски друштва, 14 друштва за застапување во осигурување и три деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување“, се наведува во соопштението од АСО и се додава дека во друштвата за осигурување се вработени 1.935 лица што е пораст од 1,26 отсто во однос на минатата година.

Во третиот квартал, се потенцира, е остварена бруто полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 6,8 милијарди денари, што претставува раст од 2,66 отсто во споредба на остварената од истиот период во претходната година.

„Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 5,85 милијарди денари или за 0,92 отстоповеќе во однос наистиот период лани. Бројот на склучени договори изнесува 1.079.684 и е за 6,96 отсто поголем од минатата година. Растот во делот на неживотното осигурување пред сѐ се должи на нагорен тренд на осигурувањето од автомобилска одговорност од 5,24 отсто со БПП од 3,1 милијарди денари, осигурувањето од незгода има пораст од 2,65 отсто со БПП 526 милиони денари , а патничкото осигурување пораст од 8,7 отсто со БПП 164 милиони денари“, покажуваат податоците на АСО.

Кај осигурувањето на имот има пад од 10 отсто со БПП 1.139 милиони денари при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 1,8 отсто.

„Ова претставува важен индикатор за високиот степен на конкурентност во осигурителниот сектор и на задоволство на осигурениците зголемениот број на продадени полиси е со пониски цени во однос на претходната година“, велат од АСО.

Осигурување на имот кај физичките лица има пораст од 1,7 отсто на бројот на склучени договори, а БПП е намалена за 13,7 отсто. Бројот на договори кај правните лица бележи зголемување од 4,3 отсто, со истовремено намалување на БПП од 3,1 процент.

„Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на БПП и во третиот квартал од годинава изнесува 14,88 отсто, при што остварената БПП изнесува 948 милиони денари. Најголемо учество во осигурувањето на живот зазема мешаното осигурување со вкупна БПП од 499 милиони денари, што претставува 52,6 отсто од вкупното осигурување на живот, потоа следува мешаното осигурување со тешко болна состојба со вкупна БПП од 123 милиони денари, односно 12,9 отсто од вкупното осигурување на живот, осигурувањето на живот во случај на доживување со 86 милиони денари, што претставува 9,12 отсто од вкупното осигурување на живот, и ризико осигурување со вкупна БПП од 64 милиони денари и 6,7 отсто од вкупното осигурување на живот. Во понудата на производи на осигурување на живот сè позастапено е осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот и во тетиот квартал од годинава беа склучени 1.041 договори, што претставува 8,55 отсто од вкупниот број на склучени договори за осигурување на живот, додека, пак, вкупната БПП изнесува 66 милиони денари, или 6,91 отсто од БПП за осигурување на живот“, прецизираат од АСО.

Друштвата за осигурување во третиот квартал од годинава исплатиле бруто – износ на штети од 2,44 милијарди денари. Учеството на реосигурувањето во бруто исплатените штети изнесува 11,9 отсто и е за 7,1 отсто пониско во однос на истиот период лани.

Најголемо учество во продажбата има директната продажба со 51,06 отсто, потоа следи продажбата преку осигурително брокерски друштва со 25,44, продажбата преку агенти-физички лица со 11,41, продажба преку друштва за застапување во осигурување со 9,50, банките со 2,06 и останатите дистрибутивни канали со 0,53 отсто.

На крајот натретиот квартал од 2017 година вкупниот капитал на друштвата за осигурување изнесува 5,81 милијарди денари. Маргината на солвентност како главен индикатор за проценка на стабилноста на осигурителниот сектор изнесува 1,40 милијарди денари (кај неживотното осигурување 1,14 милијарди денари, а кај осигурувањето на живот 257 милиони денари), со што капиталот на осигурителниот сектор е 4,2 пати над потребното ниво на маргината на солвентност.

– Во првите девет месеци од 2017 година осигурителниот сектор оствари добивка пред оданочување во износ од 334 милиони денари. Кај друштвата за неживотно осигурување, 10 друштва остварија добивка во износ од 294 милиони денари, а едно друштво загуба во износ од 33 милиони денари. Кај друштвата за осигурување на живот, сите остварија добивки во вкупен износ од 73 милиони денари. Средствата кои ги покриваат техничките резерви и математичката резерва во износ од 10,9 милијарди денари се вложени во дозволени финансиски инструменти и обезбедуваат покритие од 105,5 отсто и имаат пораст од 9,45 отсто во однос на лани. Вкупните вложувања на друштвата за осигурување, кои произлегуваат од вложувања што ги покриваат техничките резерви, математичката резерва и капиталот, пак, на крајот на третиот квартл од годинава изнесуваат 14,2 милијарди денари и бележат пораст од 7,9 отсто во однос на истиот период од лани, посочуваат од АСО.

До АСО во првите девет месеци од 20017 година се поднесени 73 претставки, што претставува пад на поднесените претставки од 23,96 отсто во однс налани, а најголем дел од нив или 40 отсто се во делот на автоодговорност.

Извор: plusinfo.mk

GOLD
To Top