Новости

Економија

Со уплата на илјада денари месечно до повисока пензија

Илјада денари месечно додека работите ќе ви го подобрат животниот стандард кога ќе одите во пензија за околу 5.000 денари. Вакви се пресметките доколку некој вработен вложува во третиот доброволен пензиски столб во период од 30 години, а акумулираните средства би ги земал месечно во рок од 15 години.

Свесноста за придобивките и можноста овие средства да бидат дополнителен приход кога ќе се отиде во пензија или, пак, во последната декада од работоспособниот период е многу ниска и нешто повеќе од пет проценти од лицата евидентирани во задолжителниот пензиски столб.

– Пензиската реформа почна од 1 јануари 2006 година со воведувањето на задолжителниот втор пензиски столб. Третиот столб како дополнително пензиско штедење почнува од 2010 година и еве десетта година постои и бележи раст. Она што сега можеме да го кажеме дека во системот има околу 27 милиони евра како заштедени средства на двата фонда, кои бројат вкупно 24.526 членови- вели за МИА Предраг Милошевски, член на Управниот одбор и втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.

Сепак, истакнува дека свеста за постоење на пензискиот фонд сè уште е мала ако се гледаат бројот на вработени, бројот на население.

– Тие 23-24.000 членови се пет проценти од вкупниот систем на задолжително пензиско осигурување каде што има 450.000 членови, што значи некаде приближно нешто повеќе од пет проценти членуваат во доброволниот фонд – потенцира Милошевски.

Тој оценува дека има раст од година во година и во број на членови, но и во средства што растат со над два милиони евра годишно, но потенцира дека ако се погледне целиот финансиски систем и банките и осигурителните компании, доброволниот пензиски фонд е на последно ниво.

Податоците покажуваат дека во банките граѓаните чуваат околу четири милијарди евра, што значи средствата во доброволниот пензиски столб се нешто повеќе од половина процент во однос на депозитите во банките.

GOLD
To Top