Новости

Економија

Стапува во примена новиот Закон за јавните набавки

Денеска стапува во примена новиот Закон за јавните набавки. Со Законот за јавните набавки се уредуваат начинот и постапките за јавни набавки, надлежностите на Бирото за јавни набавки, надлежностите на Државната комисија за жалби по јавни набавки и правната заштита во постапките за јавни набавки, како и правната заштита во постапките за доделување концесии и договори за јавно приватно партнерство.

Уредувањето, развојот на системот на јавни набавки и неговото спроведување се темелат врз начелата на слободно движење на стоките, слобода за основање, слобода за обезбедување услуги, како и начелата на економичност, ефикасност, конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност.

„При спроведувањето на јавните набавки договорниот орган е должен да ги почитува обврските за заштита на животната средина, социјалната политика и за заштита на трудот кои произлегуваат од прописите во Република Македонија, колективните договори и од меѓународните договори и конвенции ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија“, се вели во законски утврдените начела на кои се темелат јавните набавки.

Во новиот Закон за јавните набавки има бројни измени и новини во системот за јавни набавки, особено во поглед на критериумите за доделување договори за јавни набавки, системот за е-пазар за набавки од мала вредност, постапките за јавни набавки, понудата во форма на електронски каталог и многу други досега неприменети правни институти, со кои започнува целосна реформа во системот на јавните набавки.

Со новиот Закон се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот.

„Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратните негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена“, образложува министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Една од клучните новини во Законот е и концептот на одржливи јавни набавки. Одржливите јавни набавки се сериозен процес и концепт кој се развива на ниво на ЕУ во изминатиов период од 20 години. Почетоците беа со директивите за јавни набавки од 2004 години за денеска да имаме нови директиви за јавни набавки од 2014 година, со кои не само што се даде континуитет на овие политики, туку истовремено се зацврсти идејата за нивна задолжителна примена и реализација во пракса.

„Новиот Закон за јавните набавки ги предвидува и ги промовира политиките за одржливи јавни набавки како задолжителен процес во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста на целиот национален систем за јавни набавки“, вели Кирил Каранфилов, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки и долгогодишен експерт од областа на јавните набавки.

„Несомнено, практиката ќе биде вистински предизвик за Законот. Практиката сега ќе треба да се создава, и значајно од практичен аспект во тој контекст ќе биде какви помошни алатки ќе бидат изработени од аспект на евалуацијата на критериумите и спецификацијата“, додава Каранфилов.

 

 

 

Извор: Академик

GOLD
To Top