Новости

Економија

Сè повеќе компании ширум светот воведуваат четиридневна работна недела

Се поголем број компании во светот воведуваат четиридневна работна недела наместо досегашната петдневна, како би ги задржале квалитетните и способни работници, покажуваат податоците на американската агенција за истражување на пазарот на труд.

Според извештајот на “Society for Human Resource Management“ од САД, многу компании во светот воведуваат четиридневна работна недела за привлекување талентирани луѓе од целиот свет, истакнувајќи дека во денешниот глобализиран свет, луѓето од едниот дел на светот наоѓаат работни места без многу мака на другиот крај на светот .

Податоците на агенцијата покажале дека 27 проценти од компаниите на глобално ниво им нудат на вработените можност да работат четири дена неделно и 9-10 часа на ден, наместо претходните пет дена со по осум часа. Резултатите од нивните истражувања, исто така покажаа дека овој тренд резултираше за подобро расположение кај вработените, но и поголема продуктивност во компаниите.

Студијата наведува дека работата од дома е уште еден тренд на пазарот на труд кој станува многу популарен меѓу компаниите. Еден од примерите е Одшеред, град во Данска, чии власти воведоа четиридневна работна недела во септември оваа година.

Така, Одшеред стана првиот град во Данска што воведе четиридневна работна недела за сите вработени во општинската администрација. Околу 300 вработени од општината Одшеред, отсега и петок ќе можат да го користат како слободен ден, така што имаат три дена одмор неделно заедно со сабота и недела. Државните службеници во општината се воодушевени од новиот начин на работа, додавајќи дека се задоволни што сега ќе имаат три дена одмор за социјални активности дома и во нивниот приватен живот.

Извор: denar.mk

GOLD
To Top