Новости

Економија

(Фото) Народна банка откри како ќе изгледаат првите полимерни банкноти од 10 и 50 денари

Народната банка откри како ќе изгледаат првите полимерни банкноти од 10 и 50 денари на Македонија, кои од 15 мај влегуваат во оптек.

Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал, соопштуваат од Народната банка на Република Македонија.

„Основната разлика помеѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност е материјалот кој се користи како подлога за печатење. Хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен“, информираат од Народна банка.

Од таму додаваат дека наместо водениот печат кој што го содржат книжните, полимерните банкноти ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн.

„Поконкретно, кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“. На нив ќе има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид“, додаваат од Народна банка.

Од денот на пуштање во оптек на полимерните банкноти со апоенска вредност од 10 и 50 денари, книжните банкноти со истата апоенска вредност престануваат да бидат законско средство за плаќање.

Додават дека покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.

Полимерните банкноти почнуваат со употреба во 1988 година и тоа во Австралија, денес се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои, покрај Австралија се и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија итн.

 

GOLD
To Top