Новости

Економија

Инспекторите за една недела извршиле 2.183 контроли во државата, во регионот Битола, Прилеп и Ресен имало 550 контроли

Во периодот од 12 до 18 октомври, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализираа вкупно 2.183 контроли, во врска со законите по кои постапуваат, како и по однос на одлуките на Владата од кои произлегуваат протоколите за спречување на ширењето на коронавирусот, соопшти на денешната прес-конференција, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

„Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, во посочениот период, извршија вкупно 1.180 контроли, од кои 538 инспекциски надзори се спроведени согласно материјалните закони по кои оваа инспекциска служба постапува.

При овие надзори, од страна на Државните пазарни инспектори изречени се вкупно 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност, пречекорување на работно време и слично, како и 7 кривични пријави за угостителски објекти од кои 2 кривични се за организирање на свадби во Тетово и Скопје, и уште 5 кривични пријави за угостителски објекти во Скопје кои не ги почитувале протоколите во смисла на дозволено растојание помеѓу поставените маси, број на маси и слично. Дополнително, изречени се 52 решенија и 76 прекршочни платни налози за различни субјекти на територијата на целата држава.

Државниот инспекторат за труд, реализираше вкупно 395 инспекциски надзори кај работодавачи, врз основа на законот за работни односи и законот за безбедност и здравје при работа, како и врз основа на протоколите за заштита на вработените од корона вирусот. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 23 решенија за работодавачи во повеќе градови низ државата (Дебар, Струга, Гевгелија, Кичево, Неготино , Тетово и Пробиштип) за отстранување на утврдените недостатоци во однос на начинот на исплата на плата, работното време и безбедноста и здравјето при работа.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 355 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари, при што најчесто констатирани недостатоци се: неизвршени здравствени прегледи, неводење на записи за Добра Хигиенска Пракса, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистриран објект и небезбеден производ поради што донесени се 5 решенија, 1 прекршочен платен налог и извршени се 33 едукации.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 55 надзори и тоа кај 26 аптеки во Скопје, 10 аптеки во Куманово, 11 аптеки во Струмица 2 аптеки во Охрид и 6 аптеки во Кавадарци, при што е вршена контрола по основ почитување на мерките на Владата и формирани цени на заштитни средства од корона вирус и издавање на антибиотици. При овие надзори не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите“ истакна Филиповска-Грашкоска.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека пазарните инспектори ги чекаат новите законски решенија кои треба да бидат изгласани од Собранието, за да можат угостителските објекти што ги прекршуваат здравствените протоколи и сами да ги затвораат на 30 дена, и на лице место да изрекуваат парични казни. Дотогаш ќе мораат да работат по старите правила, односно само да изрекуваат кривични пријави.

„Нашата единствена надлежност е само да поднесеме кривична пријава до Јавното обвинителство, односно до соодветниот суд. Затоа и се донесени построгите мерки каде што можеме веднаш да го затвориме објектот до 30 дена, а и да изрекуваме на лице место парични казни со платни налози. За тоа ќе мораме да почекаме соодветното законско решение да биде донесено во Собранието и да излезе во Службен весник и веднаш истиот ден ќе постапуваме согласно новите законски прописи“, рече Пауновски на денешната пресконференција.

Додека излезе новото законско решение, Пауновски повика свеста на граѓаните да се издигне на највисоко ниво ако сакаме овие големи бојки на заразени да се намалуваат.

„Ни една инспекција и полицја не може да излезе на крај ако некој сака да направи некој прекршок. Сепак, ние сме тука сето тоа колку што можеме да спречуваме, а кај некого ако не делуваат казните, не знам што друго да преземеме. Тоа е крајно немање свест кон другите граѓани“, рече Пауновски.

Тој, сепак, нагласи дека високите бројки на новозаразени не доаѓаат само од угостителските објекти.

„Доаѓаат и од приватни забави во семејни куќи, викендици, паркови и насекаде каде можат да се заразат“, рече Пауновски.

Во регионот Битола, Прилеп и Ресен имало 550 контроли, во тоа оддление има 7 кривични пријави за нарушување на протоколите. Две пријави се за свадби и два нерегистрирани објекти, како и други санкции.

 

GOLD
To Top