Новости

Економија

Инспекциските служби продолжуваат со активности на терен, апел до угостителите да се почитуваат протоколите

Директорите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, Државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу и на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за актуелни прашања поврзани со инспекциските надзори за препораките и мерките на Владата за превенција и спречување на ширење на коронавирусот КОВИД-19.

Директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова-Бухова, го повика Министерството за внатрешни работи, кое по Закон е задолжено, да врши контроли на лица кои имаат издадено решенија за изолација или самоизолација, бидејќи прекршувањето на изолацијата е казниво по Закон. Информацијата за издадените решенија на дневна основа од ДСЗИ се препраќаат до МВР.

Директорот на Трудовиот инспекторат информираше дека од 11 до 28 мај година има вкупно регистрирано 2.300 пријави од граѓани, од кои 847 пријави се однесуваат на непочитување на мерките против вирусот, а останатите 1.448 се за информации.

„Сакам да напоменам дека не ги броиме и јавувањата по телефон, давање на информации од вработени и од правни субјекти кои вршат дејност во Република Северна Македонија. Во овој дел само мал број од пријавите се во однос на работните услови, повеќето се во однос на почитувањето на Законот за работни односи“, објасни директорот на Трудовиот инспекторат, Аљајдин Хавзиу.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски информираше дека од почетокот на олеснувањето на мерките за угостителите, во изминатите пет дена, вклучувајќи го и викендот што помина, инспекторите од ДПИ беа засилено на терен и притоа уште во првиот ден, на 28-ми мај се изречени 856 опомени во врска со непочитување на протоколите. Поради големиот број на непочитувања на протоколите, донесена е одлука уште од вториот ден, наместо само со опомена, да се санкционира непочитувањето на протоколите со подрастични мерки.

„Доставени се и поднесени вкупно 21 кривични пријави, а уште 5 се во тек, поради непочитување на донесените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти. Значи за време на викендот и вчера, поднесени се вкупно 26 кривични пријави. Во истиот период, имаше и такви кои се нерегистрирани, при што затекнати се 41 нерегистриран угостителски објект за коишто се изречени прекршочни пријави и издадени платни налози“, посочи Пауновски.

Директорот на пазарната инспекција апелираше до угостителите стриктно да ги почитуваат донесените протоколи.

„Сите протоколи коишто ги носи Комисијата за заразни болести и Владата на нашата држава, верувајте, се пред се за заштита на оние кои што го организираат самото угостителство, за заштита на оние коишто ги посетуваат угостителските објекти и сите пропишани протоколи не се баук, за да истите не може да се применат. Се работи за здравјето на сите нас“, потенцираше директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

GOLD
To Top