Новости

Економија

Книгата како бизнис – во Македонија се печатат по два наслови на ден

Авторски права, превод, лектура, печатење, промоција – ова се чекорите што треба да ги мине една книга, од идеја до реализација. Кога се ќе се собере издавањето на едно дело чини од 500 до над 10 илјади евра, крајната сума секако зависи од самиот тираж, но и од популарноста на писателот. Дали книгите се исплатлив бизнис?

Најголем дел од парите одат на печатење. Книга од 500 примероци со околу 120 страни во обична корица чини помеѓу 20 и 30 илјади денари.

Од домашните автори ретко  кој признава колку пари земал, а за странските дела, авторските права се поскапи – од стотина, па до десеттина илјади евра.

Дополнителен трошок е и преводот на македонски. Вообичаено се плаќа по 5 до 6 евра од една страница за стручни и овластени преведувачи. Оттука за книга од 200 страници преведувачот добива 1.000 до 1.200 евра. Сепак, некои книги ги преведуваат приучени луѓе без лиценци кои се нафаќаат тоа да го направат и за половина евро по страница, но тогаш драстично се намалува квалитетот на целото издание.

Во вкупниот збир не треба да се заборави ниту данокот.

„Трошоците не се баш мали, но има различни европски фондации каде што се обидуваме и каде што најчесто успеваме да добиеме одредени финансиски средства, да го платат само преводот или само печатењето или и двата трошоци. Секако правиме финансиска конструкција дали тоа ни е исплатливо или не“ објаснуваат во една од поголемите издавачки куќи.

Просечниот тираж на македонски писател е 500 примероци. Поради недостаток на финансии, авторите некогаш се одлучуваат и за далеку поскромни тиражи се со цел да го издадат делото и тоа да стане јавно достапно.

Во просек во Македонија се издаваат по повеќе од две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во 2013-та од печат излегле 864 наслови со вкупен тираж од 724.000 примероци. Во 2012-та на секторот му одело подобро – биле издадени 997 наслови со тираж од над 1 милион примероци. За 2014-та, 2015-та и 2016-та година статистичарите се уште ги немаат изготвено извештаите.

Според ДЗС најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат на романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

Извор: denar.mk

GOLD
To Top