Новости

Економија

На вчерашната седница на Владата донесен протоколот за отворање на казината

На оваа седница е донесен и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат клуб, и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во казино.

Владата го донесе и Протоколот за постапување на средните училишта за време на полагањето на квалификацискиот испит во учебната 2020/2021 година.

На оваа 71-ва седница на Владата се донесени изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба со кои се изедначи акцизата на маслото за греење со акцизата на маслото кое се користи како погонско гориво и на тој начин да се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена. Притоа, истото ќе овозможи и сузбивање на сивата економија, заштита на животната средина, заштита на потрошувачите и пазарот од нелојална конкуренција и ќе се отстранат причините кои го оштетуваа Буџетот на Државата, граѓаните како и компаниите кои работат со нафтени деривати.

На оваа седница, Владата донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година со дополнителен Член 5-а со кој се утврдува дека доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место или просторијата каде што треба да се спроведува гласањето Државната изборна комисија може да определи друг соодветен простор кој ги исполнува условите за спроведување на гласањето.

Со измените на оваа Уредба, се регулираат и правилата за платено политичко рекламирање за политичките партии, како и правилата за обврската на медиумите за бесплатно да ги емитуваат информативните и едукативните кампањи на Државната изборна комисија, кои се определуваат во траење од 30 секунди на секој час.

Измените и дополнувањата на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година ги утврдува и правилата за распределбата на рекламниот простор на интернет порталите и во печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, како и начинот и правилата за распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија согласно член 76-д од Изборниот законик.

Со донесување на Уредбата со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, што беше донесена на оваа седница, се продолжи мерката за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот КОВИД-19 со ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход и за месеците јуни и јули 2020 година.

На оваа седница се донесени измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба, со што се продолжи мерката за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка и за месеците јуни и јули 2020 година, како мерка за ублажување на последиците на компаниите кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот КОВИД-19.

Владата на седницата одржана на 22 јуни донесе измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека завршил временскиот период во кој операторите беа должни да ја обезбедат потребната документација за пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат, и дека треба да ја исполнат обврската да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери. Дополнително, а заради обезбедување на соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите.

На оваа своја седница Владата донесе измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба со цел да се овозможи важноста на дозволата за привремен престој и дозволата за постојан престој да се продолжи и за оние дозволи чиј рок на важење истекува по вонредната состојба.

Со Уредбата ќе се овозможи оваа категорија на странци да остварат легален влез во државата и да пристапат кон постапка за продолжување на престојот, за сите видови основи за престој за кои овие постапки се водат преку подрачните единици за странци на Министерството за внатрешни работи. Воедно, со прецизирање на периодот во кој наведените документи можат да истечат, ќе се оневозможат евентуални злоупотреби од страна на лица на кои дозволите за престој им истекле пред воведување на вонредната состојба.

Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за електронски комуникации во делот на финансирање на ОТА, за време на вонредна состојба, а со цел обезбедување на континуитет на работењето на Агенцијата во текот на 2020 година, односно за непречено извршување на дејноста на Оперативно-техничката агенција, како и спроведување на надлежностите на Агенцијата за електронски комуникации утврдени во закон.

Со донесување на оваа Уредбата со законска сила на начин како што е предложена, се овозможува Агенцијата за електронски комуникации да ги оствари своите обврски согласно Законот за електронски комуникации во делот на финансирање на ОТА, а на Оперативно-техничката агенција ѝ се овозможува непречено извршување на надлежностите.

На оваа 71-ва седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за културата за време на вонредна состојба со цел рокот за донесувањето на нацрт – годишните програми за работа на националните установи од областа на култура за 2021 година наместо до крајот на јуни да биде пролонгиран до 1 август 2020 година.

На оваа седница на предлог на Министерството за локална самоуправа е донесено дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба со цел да им се даде можност на членовите на советите на општините и советот на Градот Скопје за одржување на седници со употреба на комуникациски средства и по престанокот на траењето на вонредната состојба, а во услови и време кога препораките на Владата на Република Северна Македонија за заштита и превенција од КОВИД-19, се сѐ уште во сила.

 

Владата на оваа 71-ва седница, одржана на 22 јуни, ја разгледа и усвои информацијата и даде согласност на измените на Правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство, со кои се олеснуваат условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби, и ја намали за висината за надоместокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри.

Според информацијата, ова намалување на надоместокот нема да ги намали приходите во Буџетот на Државниот инспекторат за земјоделство, туку напротив, ќе ги зголеми заради интересот на околу 100 физички лица и мали винарии да се регистрираат во регистарот на производители на вино.

GOLD
To Top