Новости

Економија

Тимот од 8-4 од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Битола ќе ја претставува Македонија на финалето на Европскиот квиз на парите

Благоја Трајчески и Михаил Атанасовски од основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола се победници на националниот натпревар и ќе ја претставуваат нашата земја на финалето на Европскиот квиз на парите, коешто ќе се одржи виртуелно, на 20 април 2021 година, на англиски јазик.

На натпреварот којшто се одржа во рамките на Европскиот квиз на парите, тие под менторство на Бојана Димовска Гоновска, во конкуренција на своите врсници од целата држава постигнаа најдобри резултати.

Второто место го освоија Бојана Ангелеска и Звездана Дуцкиновиќ од ООУ „Христо Узунов“ од Охрид под менторство на Горица Дуцкиновиќ, а третопласирани се Филип Крстески и Дамјан Коцаревски од ООУ „Христо Узунов“ од Охрид под менторство на Горица Дуцкиновиќ.

На националниот натпревар кој се одржа виртуелно со можност да се следи во живо на каналот на Македонската банкарска асоцијација на ЈуТјуб учествуваа 325 тима од 174 одделенија, односно класови од 72 основни и средни училишта под менторство на 83 наставници и професори.

Квизот е проект на Европската банкарска федерација и има за цел да ги поттикне училиштата и наставниот кадар во Европа уште повеќе да вложуваат во финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години. Нашата земја по третпат е дел од овој значаен проект, на иницијатива и во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.

На победничкиот тим на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, на тимовите коишто ги освоија второто и третото место како и на нивните ментори ќе им бидат доделени пригодни награди.

Упатуваме честитки до најдобрите, но и до сите ученици, ментори и училишта коишто и покажаа висока свесност за големото значење на финансиската писменост. Глобалната недела на парите оваа година се одржува под мото „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“.

GOLD
To Top