Новости

Економија

Цените на нафтата се зголемија по обраќањето на Путин

Цените на нафтата денеска се искачија на речиси 92 долари, откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна мобилизација, што ја подгрева загриженоста дека ескалацијата на војната во Украина може да ги загрози испораките на нафта и гас.

На лондонската берза цената на барел по пладне беше за 1,35 долари повисока од вчерашното затворање и изнесуваше 91,97 долари. Вчера речиси во ист минус се затвори тргувањето.

На американските берзи барелот денеска се тргуваше по повисока цена од 1,2 долари, по 85,14 долари. Вчера го затворија тргувањето со загуба од 1,28 долари. Берзите утринава ги потресе изјавата на рускиот претседател дека потпишал указ за делумна мобилизација што почнува во среда. Путин рече дека ги брани руските територии и дека Западот сака да ја уништи Русија.

„Делумната мобилизација е дефинитивно фактор за (ценовниот) раст бидејќи ја зголемува опасноста од продолжена војна во Украина“, рече Виктор Катона од Кплер. На почетокот на руската инвазија на Украина, цената на нафтата достигна највисоко ниво во последните неколку години.

Западните земји воведоа остри санкции кон Русија, па на почетокот на декември во ЕУ стапува на сила ембарго за увоз на руска нафта со бродови, што ќе го намали снабдувањето. Руски Газпром ја прекина испораката на гас за Европа преку гасоводот Северен тек 1 поради, како што тврди, доцнењето на опремата што ја испрати на Сименс енерџи на сервис. Европските лидери тврдат дека Русија го користи плинот како оружје.

Групата од седум најразвиени земји во светот размислува истовремено да ги ограничи цените на руската нафта со цел да ги намали приходите на Русија за финансирање на војната. Путин веќе изјави дека доколку се воведе лимитот, ќе ги прекине испораките. Цените денеска беа поддржани од индикациите за закрепнување на кинеската побарувачка, која беше забавена со строгите мерки за сузбивање на Ковид-19.

Најмалку три кинески државни рафинерии и една голема приватна рафинерија размислуваат да го зголемат производството во октомври за 10 отсто од септември за да одговорат на посилната побарувачка и можниот пораст на извозот на гориво во четвртиот квартал, велат извори запознаени со ова прашање.

Цените беа зголемени и со најавата на САД дека не очекува напредок во заживувањето на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година на овонеделното Генерално собрание на ОН, што ги намалува шансите за враќање на иранските барели на меѓународниот пазар.

Водечките производители, собрани во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и групата нивни сојузници, вклучително и Русија, моментално произведуваат рекордни 3,58 милиони барели дневно помалку од планираното, што одговара на 3,5 отсто од глобалната побарувачка.

Очекувањата дека американската централна банка оваа вечер повторно агресивно ќе ги зголеми каматните стапки со цел да ја ограничи инфлацијата, која може да предизвика рецесија и да ја намали побарувачката за гориво, го забави позначајниот раст на цените.

Се очекува ФЕД да ги зголеми каматните стапки за три четвртини од процентниот поен, трет пат по ред. ОПЕК денеска одделно објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки вчера пораснала за 1,35 долари, на 96,55 долари.

Евротип
SNBROKER
To Top