Новости

Економија

Нови стратегии за поголем број на земјоделски осигуреници

Државата и натаму ќе финансира 60% од премијата за осигурување на земјоделските поседи, но потребно е да се подигне свеста за потребите и придобивките од осигурувањето кај земјоделците. Ова го порача министерот Љупчо Николовски на трибината со земјоделците и осигурителните компании која се одржа во саботата.

На средбата се дискутираше како да се зголеми бројот на осигурени земјоделци и да се искористат што повеќе мерките на Министерството за земјоделство. И покрај мерката со која државата покрива 60% од премијата за осигурување, во последните години се бележи пад на бројот на осигурени земјоделци. Овие податоци беа доволни да се вклучи алармот и побараат решенија за зголемување на бројот на осигуреници.

„Не можеме секогаш да влијаеме врз климатските промени, но како ресорно министерство мора да работиме на ефикасни инструменти со кои ќе го заштитиме земјоделското производството, а земјоделците ќе можат да си ги покријат загубите“, порача министерот Николовски.

Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари. Заради негативните трендови во осигурувањето се размислува и за менување на целиот систем на осигурување во земјоделството.

Директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето д-р Климе Поповски рече дека имаат готови анализи по што треба да следат и решенија.

„Само преку изнаоѓање на форма на Јавно – приватно партнерство може да се пронајде одржливо долгорочно решение за развој на земјоделското осигурување. Затоа сме и денеска тука, по иницијатива на министерот да почнеме јавни дебати од каде ќе најдеме адекватни решенија“, изјави д-р Климе Поповски – директор на Агенција за супервизија на осигурување.

Намален е бројот на осигурителни полиси во земјоделството за околу 60 проценти, соопшти директорот, д-р Климе Попоски. Во 2015 година бројката на полиси била 5.000, а лани се продадени само 2.000.

Според д-р Климе Попоски, можно е да се менува целиот систем за осигурување во земјоделството, а тоа се разговараше и на трибината во ресорното Министерство.

– Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари.

Министерот Љупчо Николовски и директорот д-р Климе Попоски, порачаа дека во периодот што следува ќе се работи на среднорочна и долгорочна стратегија за развој и зголемување на интересот за осигурување на земјоделското производство. При тоа во опција е проектот предложен од страна на реосигурителната компанија Европа Ре, во која државата се јавува како основач. Долгорочна стратегија би била врз основа на странските искуства во областа на осигурување на земјоделството.

На трибината учествуваше и СН Осигурителен Брокер АД Битола кој во последните три години е лидер во осигурување на земјоделието и сточарството.

За решенија и надминување на тековните проблеми зборуваше извршниот директор на СН Осигурителен Брокер, м-р Христо Кондовски кој недвојбено истакна дека компанијата е на страната на земјоделците. Потенцираше дека доколку земјоделците прават полиси преку СН Осигурителен Брокер добиваат соодветен партнер цело време додека трае полисата.

Присутните земјоделци имаа забелешки до осигурителните компании за начинот на проценки кои што ги вршат компаниите. Земјоделците побараа од осигурителните компании до ноември во тековната година, да имаат објавено програмата, за да можат навреме да се информираат за пакетите што ги нудат компаниите.

 

GOLD
To Top