Новости

Македонија

Јанева веќе четири часа дава исказ во ОЈО

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева веќе четири часа дава исказ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде таа влезе со адвокатот Стеван Павлески.

Откако беше видена со Павлески, во јавноста се отворија дилеми дали Јанева е повикана во својство на сведок или на осомничен. Но, според правните експерти нема ништо спорно во тоа Јанева да биде придружувана од адвокат додека дава исказ. Некои велат дека таквата пракса била ако таа се чувствува како жртва или оштетена страна.

– Јас сум сѐ уште специјален јавен обвинител. Моите обвинители работат и се надевам дека оваа есен ќе имаме разрешници на случаи. Што се однесува до мојот денешен исказ се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата – изјави денеска  Јанева пред да влезе во Јавното обвинителство.

Јанева важи за блиска до првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, а нејзиниот глас се слуша и во дел од снимките кои ги објави онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“. Во еден од телефонските разговори помеѓу Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во „Империја“, се слуша таа како му кажува на Камчев да не се секира, зашто сѐ ќе биде океј.

Давањето исказ на специјалната обвинителка со денови предизвикува огромен интерес во јавноста.

GOLD
To Top