Новости

Македонија

Јанева денеска ќе се соочи со колешката Русковска за „Рекет“

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска во 10 часот ќе се соочи со шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и ќе сведочи за случајот „Рекет”. Јанева е повикана во својство на сведок, но нејзината улога може и да се смени, во зависност од доказите со кои располага Русковска.

Јанева пред својата колешка ќе треба да ја објасни својата дружба со Бојан Јовановски, кој заедно со Зоран Милевски Кичеец се осомничени дека од бизнисменот Орце Камчев зеле 1,5 милиони евра, за да го спасат од кривично гонење за случајот „Империја“. Ќе треба и да објасни, зошто во периодот кога наводно Јовановски и Кичеец ги земаат парите таа го пушта Камчев во домашен притвор, а потоа му дава согласност за времен пасош. Исто така ќе треба да аргументира и зошто не реагирала кога од финансиското разузнавање добила дојава дека блиски на Камчев подигнуваат поголема сума на пари од банка.

Во аудио снимките објавени во италијанскиот весник „Ла верита” во телефонски разговор се слуша и гласот на Јанева како му вели на бизнисменот Орце Камчев да не се секира, „сѐ ќе биде ОК”. Таа не негираше дека се работи за нејзиниот глас, туку изјави дека била злоупотребена.

Досега во обвинителството сведочеа обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми, како и шефицата на кабинет на Јанева во СЈО. Своја верзија за „Рекет“ даде и осомничениот Кичеец, а Јовановски сѐ уште ја чека својата покана да се соочи со Русковска пренесува фокус.

GOLD
To Top