Новости

Македонија

Јанева за „Рекет“: Не чувствувам вина!

По повеќе од четири часа распит, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со насмевка излезе од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што даваше исказ за истрагата „Рекет“. Јанева потврди дека во обвинителството била повикана во својство на сведок.

-Се работи сѐ уште за истрага. Повикана сум како сведок. Не знам дали обвинителката ќе реши да бидам и осомничена, рече Јанева.

Јанева, на прашањето зошто кај Вилма Русковска на распит влегла со адвокат, одговори дека имала право и како сведок со себе да носи правен консултант. Таа не откри детали за тоа што кажала пред колешката Русковска.

-Морате да бидете трпеливи, истрагата е тајна, рече Јанева на прашањето дали таа разговарала по телефон со бизнисменот Орце Камчев, кога се слуша нејзиниот глас како вели „Се ќе биде ОК“.

На прашањето дали знае кај завршиле парите, Јанева одговори да.

-Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите. Два мои телефони што сум ги користела се на анализа во обвинителство. Дали истрагата ќе се води и против мене – не знам. Не, не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар, беа одговорите на бројните прашања на новинарите по излегувањето од распитот.

На прашањето зошто сакала да направи спогодба со осомничените во „Империја“, Јанева исто така се повика на тајност на истрагата, со коментар, „почекајте, ние допрва ќе се гледаме“.

Додека Јанева се обидуваше да одговори на новинарските прашања, адвокатот Стеван Павлески и порача дека не мора да одговори, велејќи и: „Не си на распит“. – пренесува Фокус.

GOLD
To Top