Новости

Македонија

Ќе се зголемува вредноста за увоз на пратките преку интернет, од 45 евра на 85 до 90 евра

Ќе се зголемува вредноста за увоз на пратките преку интернет. Од сегашните 45 евра вредноста на мала пратка нарачана преку интернет ќе се зголеми на 85 до 90, а можеби и повеќе, а нивното доставување ќе биде побрзо со можноста тие да се скенираат, наместо физички да се проверуваат.

Ова го најавија министерката за финансии Нина Ангеловска и директророт на Царинската управа Ѓоко Танасоски при денешната презентација на скенерот за проверка на поштенски практи, кој ќе овозможи побрза проверка на пратките и поефикасно и навремено доставување до крајните корисници.

Според минситерката Ангеловска, ова ќе придонесе кон развој на електронската трговија, која во светски рамки ја надминува традиционалната.

-Малите пратки кои ги примаат граѓаните од странство моменталното ограничување е 45 евра без царина, односно ако нарачате нешто преку интернет и ќе го добиете тој производ до 45 евра сте ослободени од плаќање на царински давачки, над 45 евра подлежат на царина. Во Европа просекот е 150 евра, односно до 150 евра не се плаќаат царинските давачки кога ќе нарачате некаква пратка. Сега ние веќе изработуваме анализи и планот е дека овој праг од 45 евра ќе биде некаде од прилика двојно зголемен, односно разговараме за околу 80-90 евра зголемување на прагот. Во моментот во процес се изработката на анализите. Наскоро ќе биде соопштена точната вредност, зависно од фискалните импликации, но и од бројот на пратки, истакна министерката.

Во последните години е забележан раст од околу 30 проценти на трансакциите и износот на вредноста на електронските пратки.

-Во Поштата од сите царински испостави мали пратки што пристигнуваат нарачани онлајн во вредност од над 45 евра во 2018 имало околу 4.400. Значително е поголем бројот на пратките што пристигнуваат преку брзите пошти, како што е ДХЛ или околу 30.000 пратки во 2018 година, во 2019 година во првите шест месеци мали пратки што пристигнуваат во поштите е околу 2.800 пратки што значи дека зборуваме за некој пораст од околу 30 проценти и тој пораст се повеќе и повеќе ќе се зголемува и тоа креира дополнителен предизвик од страна на поштите кои се повеќе мора да се дигитализираат и автоматизираат, рече Ангеловска.

Со скенерот што денеска беше претставен, а е обезбеден со донација од Америка, ќе се обезбеди навремено доставување на пратките порачани онлајн, а кој е еден од параметрите во кои сме на пониско ниво кога стаува збор за индексот за ефикасност на процесот на царинење.

Со скенерот автоматски ќе може без да се отвораат пратките да се види што има во пратката, за разлика од досега кога има само лист на кутијата на кој пишува што има и која е вредноста.

-Со скенерот чија вредност е околу 60 илјади долари веруваме дека во голема мера ќе овозможиме забрзување на царинските постапки од една страна, а од друга страна ќе овозможиме доволно ниво на контрола на пратките кои доаѓаат и ќе овозможиме на граѓаните да им се скрати постапката од моментот на влегување на самата пратка во царинското подрачје до моментот на испорака до крајниот корисник, истакна директорот на Царината, кој оцени дека скенерот има доволен капацитет за малите пратки што пристигнуваат.

Тој најави дека од наредната година заедно со Царинската управа на Јужна Кореја и Светската царинска организација почнува проект за добивање податоци пред да пристигне пратката со што во голема мера се забрзува царинската постапка, се овозможува анализа на ризик, односно,како што рече, обработка на податоците со што доста ефикасно ќе се изврши контролата од наша страна и сето тоа како резултат ќе има скратување на времето на достава и по неколку пати во однос на она што е сега и она што го напомена со индексот и министерката.

GOLD
To Top