Новости

Македонија

Џафери: Нема да дозволам да се повтори 27 април во Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не одговори дали ќе понесе одговорност доколку Законот за употреба на јазици, кој денеска го изгласа Собранието, биде прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд, тврдејќи дека тоа не е негова работа. Наместо одговор, Џафери за ова прашање понуди лекција, а на новинарот му порача да си ја држи камерата.

„Во однос на однесувањето на сегашниот пратеник а поранешен премиер Никола Груевски, сметам дека нема потреба јас да го коментирам бидејќи кога ќе го видат граѓаните, ќе го кажат своето. Од моментот кога ја презедов должноста претседател на Собранието бев свесен за сите предизвици што ме очекуваат. Нема да дозволам за време на овој мандат да се врати сликата на Собранието на 24 декември и на 27 април минатата година“, рече Џафери коментирајќи го нападот од страна на пратеникот Никола Груевски.

Тој вели дека при првото гласање Законот за јазици добил 64 гласања, а по гласање на пратениците од немнозинските заедници, вкупно 24 пратеници гласале „за“ законот. „Гласањето на немнозинските заедници било рачно спроведено бидејќи Груевски фрлил вода врз системот за електронско гласање“, изјави Џафери.

Собранискиот спикер рече дека нема да преземе никакви активности против Груевски, а мерките ќе ги остави на граѓаните. Според Џафери, секој пратеник може да постапува како што мисли.

Во однос на граѓаните кои денеска протестираа пред собраниската зграда, Џафери рече дека граѓаните имаат неприкосновено право на протест и дека нема никаква замерка за нив. „Но, однесувањето на пратениците не смее да биде провокација за меѓуетничките односи. Но, најдени се во теснец поради позицијата што ја имаат и не можат да сфатат дека се во опозиција“, рече Џафери коментирајќи го однесувањето на дел од опозициските пратеници.

Според него, Уставниот суд е надлежен по донесувањето на Законот во Собранието да донесе суд во соодветна постапка дали законите се во спротивност со Уставот или не. Тој смета дека Законодавно-правната комисија го има разгледано предог-законот за употреба на јазиците и има утврдено со извештај до Собранието дека законот е усогласен со Уставот. Според Џафери, ниедна друга институција не може да цени уставност на донесен закон во законодавна постапка во Собранието.

„Никого не лажам и не е коректно тој што поставува прашања да тврди дека лажам“, им се обрати Џафери на дел од новинарите, тврдејќи дека не е прекршен деловникот при донесувањето на Законот во однос на тоа што не се разгледувани амандманите што ги поднесе опозициската партија пренесува Макфакс.

Евротип
Евротип
To Top