Новости

Македонија

Ако не потпише, Иванов го крши Уставот, но нема услови за импичмент

Претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише законот, кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање, смета претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– По првото читање претседателот има во право на суспензивно вето, за второто гласање кога ќе се обезбеди мнозинство претседателот на државата е должен да го потпише,рече Џафери во интервју за емисијата „Само вистина“ во врска со законот за јазиците и најавите на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да го потпише.

Тој тука го посочи членот 75 од Уставот.

На прашањето, зошто, доколку смета дека претседателот постапува спротивно на Уставот не се побара отповикување, одговори дека тоа во сегашните околности не може да се спроведе, бидејќи го нема двотретинското мнозинство потребно за таа процедура.

Истакна дека со законот за јазиците се заокружува правната рамка на Охридскиот рамковен договор, Македонците не губат ништо, а не губи ниту државата во смисла на нејзиниот унитарен карактер.

– Со законот не се добива бинационалност и билингвалност, теза што ја пропагираат оние кои велат дека со законот се нарушува поредокот на државата, рече Џафери.

На прашањето зошто прво побарал доставување на амандмани, а потоа не биле разгледани, истакна дека службите на Собранието физички не можеле да го систематизираат сето тоа што било поднесено.

– Уште пред да се евидентираат сите амандмани формално и со опозицијата и со мнозинството им кажав дека работата ќе заврши вака, затоа што не може да се има можност да се разгледуваат 36 илјади амандмани, а да не се блокира работата на Собранието. Ова е историски момент за државата и не треба да се врати таквата слика за законодавниот дом, додаде тој.

GOLD
To Top