Новости

Македонија

Владата ќе го достави предлог-законот за формирање ОТА во Собранието

На денешната седница Владата го утврди предлог-законот за оперативно-техничка агенција (ОТА) со одлука да го достави до Собранието.

„Предлогот на законот за ОТА и неговото донесување произлегува од планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015) како една од клучните активности во процесот воспоставување правна рамка, чија цел ќе биде имплементација на национален модел во предметната област, со кој ќе се овозможи реализација на препораките на гореспоменатата група високи експерти“, велат од Владата.

Од таму додаваат дека со законот за оперативно-техничка агенција се уредува основањето оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работниот однос на работниците во агенцијата и стручниот надзор што оперативно-техничката агенција го врши над работата на операторите и нејзиното финансирање.

Под надлежност на ова ново независно тело треба да бидат уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за следењето на комуникациите.

Владата денеска го утврди и новиот текст на предлог-законот за следење на комуникациите.

„Со предложениот закон се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација“, соопшти Владата.

Со овој закон, објаснуваат од таму, се уредуваат постапката за спроведување посебна истражна мерка: следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации; условите и постапката за спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата; обврските за оперативно-техничката агенција и операторите, како и надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.

Евротип
Евротип
To Top