Новости

Македонија

Волонтерски награди – Златен волонтерски сертификат за 2018

По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) од 2006 година востанови Национални волонтерски награди во Република Македонија. Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.

ЗЛАТЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО ВО 2018 ГОДИНА се доделува на Здружението Ајде Македонија кое ја предводи националната кампања Сите сити. Кампањата е фокусирана на намалувањето на фрлањето на храна и донирање на вишокот храна на тие што немаат.

Годинава, акцијата преку различни активности мобилизираше 34 граѓански организации од 10 градови во Македонија и околу 800 волонтери. Активностите опфаќаат подготвување и дистрибуција на вишоци храна, организација на акцијата „Нахрани 10.000“ и други активности.

Се обезбедија и донираа 62.983 порции храна, а се спасија 18.895 кг храна.

Оваа акција продожува, сите бизниси, граѓански организации и волонтери кои сакаат да се приклучат во поддршка на напорите за да ја видиме Македонија без отпад на храна може подетално да се информираат на https://sitesiti.mk.

ЗЛАТЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО ВО 2018 ГОДИНА се доделува на Борче Стаменов за континуиран волонтерски ангажман во заедницата.

Борче е млад човек од Кавадарци кој граѓаните во Македонија го препознаваат како човекот кој донира компјутери на ранливи категории граѓани и граѓанки.

Овој сертификат го доделуваме за акцијата “Од нас, за нас” која Борче ја започна пред повеќе од две години. Тој прибира стари и расипани компјутери од лица кои сакаат да ги донираат. Оние кои се употребливи веднаш ги донира, останатите ги поправа или од неколку расипани прави еден функционален компјутер и го донира на семејства и лица кои имаат потреба а немаат можност да купат нов компјутер. Борче ја задоволува потребата на голем број на семејства за да овозможат нормален развој на своите деца.

Досега има донирано 60 компјутери низ цела Македонија.

Инспирацијата за оваа акција како што вели тој е “донирам компјутери бидејќи со малку труд можам да помогнам”. Акцијата, вели тој, ќе трае се додека има донации и е одлучен дека нема да запре. Според него, во секој град има барем по една слична фирма која се занимава со сервис и продажба на ИТ опрема и која може да се вклучи во акцијата. Негов предлог е во акцијата да се вклучат и практиканти, кои би ги поправале уредите.

GOLD
SN Finansii
To Top