Новости

Македонија

Во Собранието денеска ќе се гласа за новата влада

Собранието денеска ќе ја одржи втората седница на која единствена точка на дневниот ред е избор на Влада. Седницата ќе почне во 11 часот.

Мандаторот Зоран Заев ќе има обраќање пред пратениците по што ќе следува претресот. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна седница со спикерот, Талат Џафери. На координација не дојдоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.

Во новата Влада министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.

Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.

За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијансата за Албанците.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седница на Собранието за избор на Влада на Република Македонија.

 

GOLD
To Top