Новости

Македонија

Во сабота ќе гласаат 3539 болни и немоќни лица и 1640 затвореници

Од вкупно примени 3819 барања за болни и немоќни лица за гласање во сабота, 3539 се прифатени, а одбиени се 272 барања. Во 13 затворски единици низ нашата држава ќе гласаат 1640 затвореници. Внатрешно раселени лица се седум, а во двата старски дома, како пилот проект, се пријавиле 71 лице за гласање, информира претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски.

На денешната седница ДИК одлучуваше по пристигнати приговори за гласање на болни и немоќни лица. За три случаи од Ресен приговорите се усвоени.

– По примени повеќе барања од страна на општинските изборни комисии за дополнување на парични средства што им се потребни за спроведување на процесот, ДИК одлучи да ги покрие паричните средства што се потребни за првиот и за вториот круг. Зависно од големината на Општинската изборна комисија, такви се и средствата, највисоката сума е 15.000 денари за Битола што е една од трите најголеми општински изборни комисии. Вкупниот износ е 696.600 денари, рече Деркоски.

ДИК одлучи и по жалбата на член на општинската изборна комисија-Неготино кој на минатата седница го разрешиле со гласање, а причината била брачниот статус со членката на општинската изборна комисија од Неготино.

– Усвоен е заклучокот да го упатиме лицето незадоволно од решението на ДИК за разрешување на член од општинската изборна комисија Неготино, да си ги бара своите права пред Управниот суд, изјави Деркоски.

Во текот на денов се одвива гласањето на членовите и замениците членови на избирачките одбори што ќе одат во дијаспората да го организираат и спроведат гласањето.

GOLD
To Top