Новости

Македонија

Груевски избран за почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ, според него луѓе од партијата направија предавство

Поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски е прогласен за почесен претседател на партијата, на денешниот конгрес во Валандово.

Прогласувањето за почесен претседател на Груевски се должи, според партијата, на фактот што тој донесе десет последователни изборни победи за ВМРО-ДМПНЕ, како и на значајниот напредок кој партијата го забележа во однос на бројот на членството и финансиската моќ.

На Груевски му беше доделена и плакета за благодарност за неговата работа во партијата, но меѓу присутите не беа Илија Димовски, Антонио Милошоски, Владо Пешевски и други поранешни високи функционери на партијата.

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ чија неотповиклива оставка денеска беше потврдена на вториот ден од 16. Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Валандово, како една од причините за изборниот пораз на локалните избори ја наведе нелојалноста, односно, како што рече, предавството на луѓе од партијата.

– И во моите средби со кандидатите за градоначалници по изборите и оние кои победија и оние кои загубија, и во моите средби со претседателите на ОК и на средбата со група ветерани на партијата, и во писмените материјали кои пристигаа од цела Македонија за целите на оваа анализа провејуваше, да не речам, доминираше зборот предавство. Чувството и информациите од сите страни беше дека после долг временски период голем број наши функционери на различни нивоа од различни мотиви и цели извршија класично предавство на партијата и тоа има значаен удел во крајниот резултат, рече Груевски, зборувајќи за наодите по Извештајот на Работната група за анализа на изборите што пред два дена го усвои Централниот комитет.

Груевски додаде дека причините поради кои некои претседатели или членови на месни комитети, на општински комитети, сегашни државни или партиски функционери, активисти со задача набљудувачи за ова, како што рече, предавство на партиските интереси, се различни.

– Некои тоа го направија заради влошени односи со кандидатите за градоначалници и сакајќи ним да им наштетат сите и наштетија на партијата, некои затоа што не биле избрани за кандидати на листи или за градоначалник, некои заради остварување на некој личен интерес од новата власт, некои заради пари и поткуп, некои заради страв да не бидат казнети или избркани од работа…, но крајниот исход е предавство на партијата од голем број поединци на значајни позиции, рече тој.

 

 

 

GOLD
To Top