Новости

Македонија

Груевски и Јанакиески денес пред камерите на судот за две обвиненија на СЈО

Поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески денес во Основниот суд Скопје 1 ќе влезат во големата судница за обвиненијата за “Траекторија“ и на продолжението на судскиот процес за случајот со насилството во општина Центар. Двајцата денес ќе бидат во иста судница како обвинети во две постапки на СЈО, а ќе се сменат само времето и судијките кои постапуваат во предметите.

И двата судски процеси денес на барање на обвинетите треба да се снимаат со двете камери кои ги има судот.

Во случајот „Траекторија”  СЈО ги гони Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Во овој предмет четворицата се сомничат дека во втората половина на 2012 и 2013 презеле повеќе дејства за избор на компанија за изградба на автопатот Миладиновци – Штип и Тетово – Охрид, со што го оштетиле буџетот од 155 милиони 117 илјади 172 евра и за тој износ ѝ овозможиле на компанијата изведувач да се стекне со имотна корист.

Тие на минатото закажано рочиште побараа од судот да го снима целиот судски процес со камера, по што судењето беше презакажано.

Судењето со насилството во општина Центар е прво од предметите на СЈО на кое се вклучија две камери кои го снимаат судскиот процес. Откако на минатото рочиште сведочеше оштетениот поранешен градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, во понеделник во судница во својство на сведоци треба да бидат сослушани останатите оштетени лица.

Откако двајца во овој предмет признаа вина и беа осудени на условни казни, а за еден обвинет судот ја одвои постапката, сега во оваа постапка им се суди на девет обвинети.

GOLD
To Top