Новости

Македонија

ДИК: Избирачкиот список не е идеален и ќе се прочистува до 7 септември

Стручната служба на Државната изборна комисија (ДИК) континуирано го прочистува избирачкиот список и кога нема изборни циклуси, а на 7 септември треба да биде завршено ажурирањето на избирачкиот список, и според таа верзија ќе се гласа на референдумот на 30 септември, соопштија од ДИК на денешната седница.

Од вчера до денеска пред 13 часот во подрачните канцеларии на ДИК увид во избирачкиот список направиле 213 граѓани, а вкупно 158 граѓани од дијаспората се пријавиле дека ќе гласаат во амбасадите или конзултатите на Македонија.

Како што рече претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, избирачкиот список никогаш нема да биде идеален, но се прават напори тој да се исчисти и побара и граѓаните да пријавуваат неправилности во подрачните канцеларии на ДИК.

– Избирачкиот список никогаш нема да биде идеален, но ние како еден од одговорните за него правиме напори да го прочистуваме. Ги повикувам и граѓаните да пријавуваат промени на адреса, презиме, оти ова е заедничка работа на сите – рече Деркоски, појаснувајќи дека службата на ДИК е во постојана комуникација со Управата за водење матични книги и со Заводот за статистика.

Покрај промените по барање од граѓаните, во списокот според кој ќе се гласа на 7 септември, покрај постоечките гласачи ќе влезат сите оние што до 30 септември ќе наполнат 18 години, а од списокот ќе бидат избришани сите починати до 30 јуни годинава. Исто така, сите промени на презиме и адреса што се направени до 30 јуни ќе бидат внесени во конечната верзија на списокот според кој ќе се гласа на референдумот.

До денеска избирачкиот список брои 1.805.707 избирачи.

Како што појасни Јанаќе Витановски, член на ДИК предложен од СДСМ, стручната служба на комисијата секој месец во годината прави по 2.000  – 3.000 измени, односно ги внесува новите полнолетни лица и прави други измени.

Инаку, денеска беше направена измена на Правилникот на спроведување на референдумот, односно се формализираше, како што рече Деркоски, тоа што ДИК го соопшти и претходно за учесниците во јавната пропаганда.

– Собранието како овластен предлагач има право на бесплатно претставување во медиумите. Оние термини што предлагачот нема да ги искористи потоа медиумите можат да ги дадат на други заинтересирани субјекти, а тоа е буквално секој – од граѓаните, здруженијата, па натаму. Инаку граѓаните, здруженијата, партиите, Владата, може да водат пропаганда за референдумот, ама тоа да го прават комерцијално, со свои пари, секако почитувајќи ги законските и етичките норми – рече Деркоски.

 

 

 

 

 

 

Извор: Мета

 

GOLD
GoldSlot
To Top