Новости

Македонија

Денеска го славиме Свети Наум Охридски – Чудотворец

Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

 

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

GOLD
To Top