Новости

Македонија

Денеска го славиме големиот чудотворец Свети Василиј Острошки, најголемиот заштитник на децата

Црквата денес го празнува споменот на големиот чудотворец, светиот Василиј Острошки и Тврдошки. Љубовта и молитвената блискост на овој светител ја почувствувале многу луѓе, како од Македонија, така и од повеќето земји од Балканот, но и светот.

Уште поголемо чудо и доказ за светоста на Василиј е чудотворната моќ на неговото тело. Тој, кој во својот земен живот личел повеќе на ангел отколку на човек, го воздигнал својот дух до престолот Божји, а своето тело го обесмртил. Тоа свето тело за време на земското живеење било храм на светиот дух, а по разделувањето со душата, станало ризница на благодети.

Не можат да се набројат разните чудесии, кои Господ преку него ги правел и кои секој ден ги прави и покажува над секој оној кој доаѓа да побара помош од овој голем светец и учител, двигател на православната вера.

Манастирот Острог во текот на целата година е најпосетено светилиште во Црна Гора, а после Христовиот гроб и Светата гора, ова е третото најпосетено светилиште во христијанскиот свет.

Причината за тоа се бројните чуда кои што се случуваат во ова карпесто црквено здание. Од тие безбројни исцеленија мал број е запишан и објавен пред минатата светска војна. Манастирот Острог се смета дека претставува вистинско место за одмор на душата и пронаоѓање на Бога во себе си. Дури и самиот пат и пристапот до ова свето место претставува вистински предизвик.

Реки од верници го посетуваат манастирот во кој што доаѓаат пешки, а голем процент од посетителите се брачни парови кои што не можат да имаат деца. Но, не е мал и бројот на жените кои што после посетата на вечната куќа на прочуениот светец останале бремени, а сите до една веруваат дека токму свети Василиј ги благословил, па останале бремени.

Се верува и дека виновата лоза која што расте покрај карпите на прочуениот манастир е лековита, поточно дека нејзините плодови ја лечат неплодноста.

Во часот на неговото претставување пред Бога, неговата келија заблескала со необична и вонземска светлина. Телото на Свети Василиј монасите го погребале во гробница под црквата Воведение на Мајката Божја.

Народот започнал да доаѓа на неговиот гроб и да се моли, исто како што доаѓал и за време на неговиот земјен живот. А на гробот започнале да се случуваат многубројни чуда, кои што ниту до ден денешен, на Острог не престануваат.

Според преданијата се вели дека, седум години после смртта на Светецот, на тогашниот игуман на манастирот Свети Лука во Парохијата во близина на Никшиќ, често му се појавувал во сон, наредувајќи му да оди во Острог и да го отвори неговиот гроб. Тоа се повторило два пати, бидејќи игуманот не му придавал важност на својот сон. Дури третиот пат игуманот решил да го раскаже сонот во своето братство, договарајќи се да одат во Острог.

Кога го отвориле гробот на Свети Василиј, тие го пронашле неговото тело потполно неоштетено, жолто како восок, а мирисало на босилек. Тоа било вистинскиот доказ дека Василиј Острошки бил вистински светец. Неговите мошти биле сместени во ковчег каде што почиваат и ден денес.

Нема посетител што го посетил овој Манастир, а не ја допрел гранатата која што стои закотвена во карпестите ѕидови на Горниот манастир во Острог. Сите внимаваат на неа. Гранатата се чува како најголем експонат од Втората светска војна, при што се верува дека токму силата на свети Василиј не дозволила гранатата да експлодира и да ја оштети црквата на Чесниот крст. Со стручни анализи било утврдено дека гранатата била технички исправна и како таква требало да експлодира.

GOLD
To Top