Новости

Македонија

Денеска е Крстовден – строг пост за православните христијани

Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.

Денешниов празник е органски поврзан со вчерашниот празник, празникот на осветувањето на црквата на Христовото воскресение во Ерусалим. Имено, во истата таа црква беа сместени остатоците од чесниот крст на кој беше распнат Христос, а кој крст го пронајде мајка му на цар Константин Велики, царицата Елена. Уште еден настан, освен пронаоѓањето на чесниот крст, е поврзан со овој празник, а тоа е неговото враќање од Персија каде што беше однесен по персиското освојување и разорување на Ерусалим во седмиот век што се случи за време на византискиот император Ираклиј (628). А најважното што се слави денес е крстот како символ на победата над светската суета, симбол на смирениот бунт на внатрешниот човек.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст,како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло.

Некои верници на овој ден јадат само леб и грозје.

Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје . Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан…

GOLD
To Top